Преглед на пријавени изборни неправилности (втор круг)
Во текот на изборниот ден за време на вториот изборен круг од локалните избори до Хелсиншкиот комитет од 07:00 до 19:00 часот беа пријавени неколку случаи на прекршување на избирачкото право во следните општини:
Општина Тетово
Во градот Тетово, изборно место ОУ„Кирил и Методиј“ во населбата Тетекс 2 пријавен е случај на поткуп од страна на вработено лице во кабинетот на градоначалникот кој нудел пари на граѓани за да гласаат за кандидатот на политичката партија ДУИ. Воедно на ова избирачко место наводно биле присутни и активисти на оваа партија кои исто така вршеле поткупна гласачите пред самото изборно место.
Општина Карпош
Во општината Карпош или поточно изборно место во ОУ „Јан Амос Коменски“, повеќе граѓани се пожалиле дека гласачките кутии не се обележани соодветно односно граѓаните не знаеле во која од кутиите треба да ги стават нивните ливчиња. Имено, кутиите не биле обележани со соодветните бои на гласачките ливчиња. Иако граѓаните реагирале до членовите на изборната комисија сепак гласачките кутии останале необележани.
Општина Центар
Во општина Центар, во населбата Капиштец граѓанин пријави дека на ул. „Козара“, каде се наоѓа штабот на партијатаВМРО-ДПМНЕ, забележани се повеќе такси-возила од марката „Рено“ кои разнесуваатгласачи.
Во општина Центар или поточно изборно место во зградата „Дом на градежници“ пријавени се повеќе наводи за изборни нерегуларностии заплашувања на набљудувачи. На ова место претставник на Комитетот по повик одакредитираните набљудувачи на невладината организација „Цивил“ се упати кон избирачкото место на кое беа забележани следните нерегуларности:
Неколку полициски службеници беа забележани внатре во самото избирачкото место.
Осум полициски службеници од кои тројца од специјална единица „Алфи“ присутни околу изборното место.
Член на Изборната комисија кој одби да се претстави се упати кон преставникот на Комитетот и новинарката Јадранка Костова надвор од изборното место и се обиде да ги идентификува. Лицето се обрати со недоличен и дрзок тон појаснувајќи дека наводно за проблемите во ова избирачко место Претседателот на изборната комисија направил записник и дека нема потреба да се вознемируваат. Дополнително, истото лице пред да замине изјави дека е вработен во специјалната единица „Алфи“ а на прашањето дали е член на Изборната комисија изјави дека е член избран по случаен избор. Останува прашањето зошто членот на Изборната комисија сметаше дека е релевантно да напомене дека работи во специјалната единица „Алфи“. На прашање на претставникот од Хелсиншкиот комитет дали е направен записник за пријавените нерегуларности од страна на членовите на Изборната комисија, лицето даде потврден одговор и неколкупати повтори дека во записникот се евидентирани сите реакции на присутните набљудувачи. По краткиот разговор истиот се врати во избирачкото место.
Акредитираните набљудувачи на невладината организација „Цивил“ пренесоа дека околу дваесетина жители од градот Пустец, Албанија околу 17 часот биле донесени на ова избирачко место при што набљудувачите на една опозициона партија реагирале кај Претседателот на изборната комисија. Лицата имале валидни документи за лична идентификација. За овие лица постојат наводи дека истите се заведени на една адреса во општина Центар односно се пријавени со привремен престој на едно живеалиште.
Двајца набљудувачи на една опозициона партија се обратија до претставникот на Хелсиншкиот комитет видно загрижени од заканите кои ги добиле во текот на денот. Имено, еден од набљудувачите изјави дека добил прекршочна пријава затоа што ги фотографирал гласачите за кои претпоставил дека се од градот Пустец додека набљудувачка од владејачката партија кој го правела истиот изборен прекршок воопшто не е казнета ниту делото е евидентирано од страна на Претседателот на изборната комисија. Воедно, набљудувачката од владејачката партија немаше акредитација/легитимација видно истакната на себе како останатите набљудувачи од политичките партии. Акредитираните набљудувачи се должни легитимацијата издадена од Државната изборна комисија да ја носат на себе со цел истите да бидат брзо идентификувани доколку тоа е потребно. Оваа личност е пријавена до Претседателот на изборната комисија и по негова реакција изјавила дека легитимацијата не и била закачена, но дека истата ја поседува. Набљудувачите на „Цивил“ се присутни и на пребројувањето нагласачките ливчиња по што ќе утврдат дали ова лице има акредитирана легитимација за набљудувач или пак го прекршува Изборниот законик. Втор случајна заплашување упатен кон набљудувач на една опозициона партија наводно бил упатен од страна на лице кое се претставило како Директорка на ЈП паркинзи во Општина Центар упатило закана со кривична пријава до набљудувачот затоа што запишал податоци за три лица од градот Пустец. Според наводите на набљудувачот, ова лице рекло дека дошло на интервенција во ова изборно место и дека лично ќе се погрижи за кривичната пријава да биде процесуирана.
Од особен интерес за Комитетот и невладината организација „Цивил“ по завршување на пребројувањето на гласовите е да се утврди работата на членовите на Изборната комисија особено дали Претседателот на оваа комисија направил записник за пријавените прекршувања на Изборниот законик и избирачкото право на граѓаните во изборната единица – Центар, за која има пријавено најмногу случаи за нерегуларности и повреди на избирачкото право.
Од горенаведеното, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија може да констатира дека изборните нерегуларности се зголемени за разлика од првиоти зборен круг и забележаните гласачи од градот Пустец најмногу во општина Центар, се злоупотребени за политички цели. Дополнително, покрај овие изборни нерегуларности невладината организација „Цивил“ ќе достави детален извештај до јавноста за повеќе избирачки места и повреди на избирачкото право на граѓаните.