Правно мислење во однос на бездржавјанството (со осврт на Законот за државјанството, Законот за странците и Законот за неевидентираните лица во матичната книга на родените)

април 12, 2021

 

Државјанството ја преставува правната врска кое едно лице ја има со одредена држава. Тоа  е сложен правен и социо-политички концепт сочинет од три компоненти; правен статус, права и обврски и национален идентитет[1]. Државите го имаат суверенитетот да носат одлуки за начинот на кој ќе биде регулирана постапката за стекнување и губење на државјанството. Сепак, со меѓународното право се определуваат определени стандарди и ограничувања,особено во поглед на бездржавјанството и произволното лишување од државјанство.

Пристапот до државјанство е важен предуслов за уживање на голем дел права и привилегии, како и развивање на чувство на идентитет и припадност. Покрај тоа што законските правила за стекнување и губење на државјанството се разнолики, во земјите членки на ЕУ постојат воспоставени правила  според кои се регулира процесот на стекнување и губење на државјанство.

 

  1. Постојна законска регулатива и статус

Законската регулатива во Северна Македонија поврзана со правниот институт државјанство и начинот на негово стекнување ги опфаќа Законот за државјанството[2] и Законот за странци.[3] Значајно да се напомене е дека овие закони не ги дефинираат лицата без државјанство, освен што преку толкување на поимот странец може да се подразбере дека во овој поим влегуваат и луѓето без државјанство. Сепак, иако Законот за државјанство не го дефинира поимот лице без државјанство, содржи низа заштитни одредби и олеснувања за лицата кои се во ризик од бездржавјанство согласно меѓународните акти и конвенции кои државата ги има потпишано и ратификувано.[4]

Државјанството на Република Северна Македонија согласно член 3 од Законот за државјанство се стекнува со:

  • потекло;
  • раѓање на територијата на државата;
  • природување; и
  • меѓународни договори.

Анализите покажуваат дека има две главни категории на лица кои живеат долги години во Северна Македонија но немаат статус на државјанство: 1) лица кои не го уредиле статусот по распадот на СФРЈ и 2) лица кои не се евидентирани во матичните книги на родени.

Една од причините за појава на лица без државјанство во нашата држава е редефинирањето на Југославија како федерација и осамостојувањето на Македонија во 1991 година. Лицата кои живееле или се уште живеат во нашата државата, а кои поради одредени причини, како неисполнување на условите или немање на потребната документација, не се стекнле со македонско државјанство и доколку немаат друго државјанство, во овој момент се сметаат за апатриди – лица без државјанство. Имено согласно член 32 од Законот за државјанство „Државјаните на другите републики на поранешната СФРЈ и државјаните на поранешната СФРЈ кои на 8 септември 1991 година имале пријавено живеалиште, до поднесување на барањето постојано живеат на територијата на Република Македонија и имаат вистинска и ефективна врска со Република Македонија можат да стекнат државјанство на Република Македонија ако во рок од две години по влегувањето во сила на овој закон поднесат барање, доколку против нив не се води кривична постапка во Република Македонија, за кривични дела со кои се загрозува безбедноста и одбраната на Република Македонија и ги исполнува условите од член 7 став 1 точки 1 и 6 на овој закон„.[5] [6]

Лицата кои не добиле државјанство согласно одредбите на Законот за државјанство, се сметаат за странци и имаат, или би требало да имаат, регулиран постојан престој. Така, со Законот за странци, е предвидено „Лицата кои со влегување во сила на овој закон ќе се сметаат за странци во Република Македонија, а кои до 8 септември 1991 година биле државјани на СФРЈ и имале законски престој на територијата на СРМ, а по 8 септември 1991 година продолжиле да престојуваат во Република Македонија, како и нивните деца кои се на возраст над пет години, ќе се стекнат со право на постојан престој во Република Македонија, ако во рок од три години од влегување во сила на овој закон поднесат барање за одобрување постојан престој.“[7] [8].“.[9] [10]

Друга причина за појава на лица без државјанство во нашата држава е незапишувањето на лицата во матичните книги на родените. Ова особено се однесува на децата родени во домашни услови и децата чии родители не поседуваат важечки лични документи, како извод од матична книга на родени и венчани и/или лична карта, а што е неопходна документација во постапката за уредување на државјанствотоПокрај ова, постојат и примери на деца родени во странство од родители државјани на Република Северна Македонија со привремен престој во странство во моментот на раѓањето на детето, кои исто така остануваат неевидентирани и без државјанство, и во земјата на раѓање и во нашата земја.[11]

Неевидентираноста на раѓањето или личното име во матична книга на родени покрај тоа што ја оневозможува постапката за стекнување државјанство, води  и кон општествено исклучување на голем број на неевидентирани лица кои без документи не можеа да ги остварат нивните права на образование, здравствена и социјална заштита. Треба да се има предвид дека во досегашната постапка, постапувањата на службените лица по барањата за упис во матична книга на родени често беа бавни (што ги одолговлекуваше постапките) и арбитрерни (особено поради дискрецијата на службените лица во однос на оценување кои докази се нужни за докажување на сродството со лицето кое тврди дека е родител или времето и местото на раѓање на детето). Воедно, сиромашните лица немаа средства да ги покријат издатоците за прибавување на документи и плаќање на административни такси.

Преку Јавен повик до неевидентирани лица да се пријават од 1 април до 1 ноември 2018 година, беше утврдена неевидентираност на околу 700 лица, поради што во февруари 2020 година[12] беше донесен Закон за неевидентирани лица во матичната книга на родените (ЗНЛМКР)[13], кој ја уредува постапката за прибирање и евиденција на личните податоци за неевидентираните лица, условите за нивно запишување во посебна матична книга на родени и матична книга на умрени и издавање изводи од нив, издавање на идентификациона исправа и дополнителен упис на овие лица во матичната книга на родените. Со примена на овој закон ќе се овозможи евиденција на лицата во матичните книги на родените и со тоа потребна документација за стекнување државјанство по раѓање.

ЗНЛМКР нуди солидни процедури за решавање на проблемите на лицата кои се идентификувани како неевидентирани во МКР, процедури кои во согласност нормите и стандардите на EУ (Поглавје 23). Од посебно значење е обезбедувањето ефективна имплементација на ЗНЛМКР со надзор од Министерството за правда и усвојувањето на Акциониот план за имплементација на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени. Формирана е работна група за следење и имплементација на акцискиот план, неевидентираните лица се ослободени од сите давачки за вадење на посебниот извод од МКР, неевидентираните лица се вклучени како корисници на социјална заштита во Законот за социјална заштита и дистрибуирани се хуманитарни пакети до сите 700 неевидентирани лица.

 

  1. ЗАКЛУЧОК

Во моментот постојат законски можности за стекнување на државјанство на двете засегнати категории лица.

Во поглед на уредувањето на статусот на лицата без државјанство а кои биле државјани на републики на СФРЈ, треба да се имаат предвид одредбите од Законот за страници кои им овозможуваат стекнување постојан престој, особено членот 132 кој овозможува посебни права на овие лица кои до 05.06.2021 година можат да поднесат барање за одобрување постојан престој. За разлика од другите страници кои престојуваат на територијата на Република Северна Македонија кои треба да исполнат низа услови за стекнување на статусот на постојан престој, овие лица со тој статус се стекнуваат по сила на закон.[14] Ова е основата која што ќе овозможи подоцнежно стекнување на државјанство со природување согласно член 7 од Законот за државјанство.

Во поглед на лицата кои немаат статус на државјани поради тоа што се неевидентирани лица во матичната книга на родените, треба да се преземат засилени мерки за нивна евиденција и уредување на статусот. При ова треба да се има предвид дека ЗНЛМКР има ограничен временски опсег и покрај продолжување на рокот за поднесување на барања за упис во посебна МКР врз основа на владина уредба[15] од мај 2020 година и законски измени и дополнувања[16] од декември 2020 година.  Продолжената примена на овој ad hoc закон до 30.06.2021 година, треба да овозможи ефективно и навремено евидентирање на засегнатите лица се со цел нивен непречен пристап до јавните услуги. Едноставно треба да се даде шанса на постојното законско регулирање. и до истекот на рокот на 05.06.2021 година предвиден во Законот за странците и до истекот на рокот на 30.06.2021 година предвиден во ЗНЛМКР. Се работи за временски период од три месеци во кој надлежни органи треба да покажат агилност и флексибилност во рамките кои ги пропишува законот, да воспостават предвидлива и воедначена пракса при што навремено ќе ги споделуваат сите релевантни информации до засегнатите лица и групи.

Доколку и со примената на постојните законски одредби статусот на лицата без државјанство не се уреди, тогаш државата треба да изнајде решенија за нив, во согласност со меѓународните стандарди како и законодството и праксата на Европската Унија.

 

[1]Државјанството е правна врска меѓу лицата и државата и не го означува етничкото потекло на лицата. (чл. 1 ст.2 од Законот за државјанство).

[2] Закон за државјанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 67/92, 8/04, 98/08, 158/11 и 55/16).

[3] Закон за странци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 97/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 108/19).

[4] Заклучоци и препораки од анализата на правната рамка поврзана со матичната и граѓанската регистрација во однос на спречување на бездржавјанството, Македонско здружение на млади правници, јуни 2018, достапно на: https://bit.ly/3lR4NmW.

[5] Член 7: (1) Државјанство на Република Македонија со природување може да стекне странец кој лично поднел барање за прием во државјанство на Република Македонија, ако ги исполнува следниве услови:  1) да наполнил 18 години живот;    6) да го владее македонскиот јазик до тој степен да може лесно да се разбере со околината;

[6] Законот за државјанство стапил на сила на 11.11.1992 година, оттука рокот бил до 11.11.1994 година

[7] член 132 став 1 од Законот за странци

[8] Законот за странците стапил на сила на 5.6.2018 година, оттука овој рок е до 5.6.2021 година

[9] Член 132 од Законот за државјанството.

[10] Закон за државјанство на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија бр. 67/92, 8/04, 98/08, 158/11 и 55/16).

[11] Овој проблем и неговото пошироко значење се нотира и во најновиот Извештај за човековите права на US Department of state од 30 Март 2021 година, каде во одделот G (Stateless persons/лица без државјанство) се наведува дека заклучно со август 2020 година не е решен статусот на 563 лица без државјанство (US Department of state, „2020 Country Reports on Human Rights Practices: North Macedonia“, достапно на:

https://www.state.gov/reports/2020-country-reports-on-human-rights-practices/north-macedonia/?fbclid=IwAR2stPumvWXMJDM5gIlTtqwYQ9BVU5-VZXtfG2T9nmHnOAUwI4oYYzzAG2s)

[12] Македонска информативна агенција, февруари 2020 година, Изјава на заменик министерката на Министерството за труд и социјална политика Санела Шкриљељ, достапно на: https://mia.mk/shkri-e-na-licata-bez-lichni-dokumenti-zakonski-im-obezbeduvame-prava-kako-na-site-drugi-gra-ani-e-dobi-at-prv-izvod/

[13] Закон за неевидентирани лица во матичната книга на родените, Службен весник на Република Северна Македонија бр. 42/20 од 16.2.2020 година.

[14] Согласно член 132 став 2 за нив не не важат одредбите од членот 130 од овој закон (Услови за одобрување постојан престој

Член 130

Постојан престој ќе му се одобри на странец и на лице под меѓународна заштита, кои:

– до моментот на поднесување на барањето престојувале во Република Северна Македонија непрекинато пет години согласно членот 129 ставови (1) и (2) од овој закон;

– имаат стабилни и редовни средства за издржување, без користење на социјална помош;

– имаат обезбедено сместување или средства за сместување;

– имаат здравствено осигурување;

– за време на престојот во Република Северна Македонија, во периодот од пет години пред поднесувањето на барањето за постојан престој не сториле кривично дело за кое е предвидена казна затвор во траење од најмалку една година;

– не претставуваааат опасност за јавниот ред, јавното здравје, националната безбедност или меѓународните односи на Република Северна Македонија и

– го владеат македонскиот јазик до тој степен да може лесно да се разберат со околинатa.)

[15] Уредба со законска сила на Владата на РСМ за примена на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени за време на вонредна состојба, Службен весник бр. 140/20, од 29.5.2020 година.

[16] Закон за измена и дополнување на законот за неевидентирани лица во матичната книга на родените, Службен весник бр. 305/20 од 12.12.2020 година.