април 9, 2021

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Хелсиншкиот комитет за човекови права и Олимпискиот комитет на Северна Македонија

Со заложба за унапредување на родовата еднаквост во спортот и превенција и заштита од родово базирано насилство во спортскиот сектор, на 8 април, 2021 година Хелсиншкиот комитет за човекови права (МХК), претставуван од извршната директорка Уранија Пировска и Олимпискиот комитет на Северна Македонија (МОК), претставуван од претседателот Даниел Димевски, потпишаа Меморандум за соработка  Соработката помеѓу двете организации беше иницирана од страна на претседателката на Комисијата за родова еднаквост при МОК Силвија Митевска. Целта на потпишувањето на овој Меморандум е воспоставување на меѓусебна соработка помеѓу МХК и МОК и реализација на активности кои ќе придонесат кон подобрување на моменталната состојба со родовата еднаквост во спортскиот сектор, вклучување на родова перспектива во политиките за спорт, промоција на еднаков пристап и еднакви можности до сите ресурси, како и превенција и заштита од родово базирано насилство во спортскиот сектор.

“Со Олимпискиот комитет на Северна Македонија потпишуваме Меморандум за соработка, со што ќе станеме партнери во спроведување на обуки за родова еднаквост во спортот. Жените во спортот се сегмент којшто Хелсиншкиот комитет долги години наназад сака да го зафати со своето постапување, со оглед на тоа што сметаме дека жените во спортот не се охрабрени, не ги знаат доволно своите права и оттука не ги пријавуваат повредите кои што ги доживуваат во својата кариера и професионален живот. Сметам дека е големо достигнување тоа што Олимпискиот комитет на Северна Македонија реши да соработува со МХК, со оглед на тоа дека навистина станува збор за област којашто мора итно да биде регулирана и на жените да им даде чувство на сигурност и доверба во системот во којшто функционираат, дека можат да поднесат одредена претставка за несоодветно однесување или за повреда на нивните права по однос на род и со тоа да бидат заштитени. Навистина сум среќна што денеска го потпишуваме овој меморандум и сметам дека ќе биде почеток на една нова ера во однесувањето кон жените во спортот” – изјави извршната директорка на Хелсиншкиот комитет.

Во следниот период МОК и МХК ќе соработуваат преку преземање заеднички активности  со Комисијата за родова еднаквост во спортот при МОК, јакнење на капацитетите на претставници на МОК за унапредување на родовата еднаквост во спортот и превенција и заштита од родово базирано насилство, спроведување на обуки за претставници на спортските федерации за родова еднаквост во спорт и превенција и заштита од родово базирано насилство, застапување за унапредување на родовата еднаквост и правата на жените во спортскиот сектор, како и вклученост при креирање на релевантни политики.