Институционализирање на класните конфликти во Македонија
октомври 7, 2020
Работничките права се едни од најголемите цивилизациски придобивки на модерните општества. Тие права произлегуваат од директниот судир помеѓу сопствениците на капитaлот и работничката класа. Сепак, конфликтите за креирање и унапредување на работничките права низ историјата знаеле да бидат и крвави. Еден од тие конфликти, кој ја има обележано поновата историја, е судирот на 1 мај 1886 година во Чикаго. На оваа дата работниците се охрабриле да бараат 8 часовен работен ден по формулата 8 часа работа, 8 часа часа одмор, 8 часа спиење. Поради значењето на придобивките од овој судир, Меѓународниот ден на трудот – 1 мај се празнува и денес.
Со оглед на тоа што судирот помеѓу работниците и сопствениците на капиталот на крајот на 19тиот и почетокот на 20тиот век се покажал како општествено деструктивен, во 1919 година како дел од Лигата на нации била воспоставена Меѓународната организација на трудот (МОТ). Оваа организација има задача да ја следи состојбата со работничките права, да ги унапредува трудовите стандарди и да го инстутуционализира класниот конфликт. За жал, и покрај обидот на меѓународната заедница да го институционализира овој конфликт, судирот помеѓу сопствениците на капиталот и работниците беше еден од главните мотивите за двете големи светски војни во 20тиот век.
Во ова турбулентно столетие биле воспоставени и општествените системи кои ја укинале приватната сопственост на капиталот, тврдејќи дека средствата за производство припаѓаат на работничката класа. Македонија припаѓаше на еден таков систем. Со осамостујувањето на Македонија, нашиот економски систем дозволи приватизација на средствата за производство, а новата капиталиситчка класа го наметна својот начин на функционирање. Новиот економски поредок, покрај тоа што го продлабочи конфликтот, наметна и нови релации на моќ, а со тоа голем дел од работничките придобивки беа укинати. Институционализирањето на тој конфликт продолжи во рамките на западните меѓународни стандарди, Уставот, законите и колективните договори. Овие норми имаат свои предности, но голем е бројот и на недоречености кои одат на штета нa социјалната доверба, а аргументативно одат на штета и на целокупниот економски развој на оваа мала држава.
Институционализирање на конфликтите во Македонија
Преку меѓународни конвенции, Стандардите на МОТ ги има прифатено и нашата држава. Со воспоставување на независноста, Македонија во својот Устав го одреди правото од работен однос како основно право на граѓанинот. Така, работничките права станаа дел од економските, социјалните и културните права и претставуваат темелна вредност врз која се базира нашиот поредок. Уставот на Македонија го гарантира правото на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.
Понатаму, Уставот пропишува дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, дека секој вработен има право на соодветна заработувачка и платен дневен, неделен и годишен одмор. Тоа значи дека правото на работа, правото на заштита при работа, правото на материјална обезбеденост за време на привремена невработеност, правото на соодветна заработувачка и правото на платен дневен, неделен и годишен одмор претставуваат апсолутни лични права кои не можат да се отуѓуваат ниту да се пренесуваат на други лица. Од овие права граѓаните не можат да се откажат. Уставот, овие права подетално ги регулира со закони и колективни договори.
Системски недоречености
Законот за работните односи (ЗРО) како системски закон ја поставува општата рамка на сите прашања поврзани со работниот однос. Сепак, се чини дека Македонија од нејзиното осамостојување не успеа да воспостави рамнотежа помеѓу потребите на работодавачите и работниците со цел подобар економски развој. Бројни се примерите на недоследностите, но ќе наброеме шест такви системски недоречености.
Прво, Република Македонија oд нејзиното осамостојување до денес се соочува со голема стапка на невработеност. Невработеноста е еден од главните социјални фактори што ги диктира социјалните релации, културата и функционирањето на институциите. Невработеноста и работничките права имаат каузална врска, односно колку е поголема стапката на невработеност, толку се помали правата на вработените.
Второ, Законот за работните односи, кој беше донесен во 2005 година, до денес има претрпено вкупно 22 измени и дополнувања и 13 касаторни одлуки на Уставниот суд. Тоа зборува за необмисленоста на Законот и брзите промени кои доаѓаат како резултат на политички притисок од одредени центри на моќ.
Трето, бројни се прекршувањата на Законот без соодветни санкции. Државниот инспекторат за труд регистрира од 4.000 до 5.000 случаи на прекршување на работничките права годишно. Оваа институција располага со вкупно 103 инспектори распоредени во 30 подрачја, од кои 88 инспектори самостојно можат да вршат инспекциски надзор. Во 2017 година, на пример, извршени се вкупно 31.690 инспекциски надзори, но сепак на оваа инстутуција и недостигаат ресурси за да може да ги покрие и регистрира сите прекршувања на законот.
Извор: paaflcio.org
Четврто, Законот за работните односи е еден од најексклузивните закони во државата. Тоа е закон кој не важи за сите. Според Државниот завод за статистика, во Република Северна Македонија постојат вкупно 759.054 вработени, од кои 618.229 се формално и 140.825 се неформално вработени. Оние кои се неформално вработени не ја уживаат заштитата на Законот за работни односи и тие граѓани остануваат на маргините на институционалната заштита. Во трудовата литература луѓето на кои работното место не им обезбедува заштита влегуваат во категоријата на прекаријат. Заштитата на ЗРО за работникот не е битна само поради сигурноста на работното место, таа е битна и за граѓанскиот статус, затоа што дел од граѓанските права произлегуваат директно од работниот статус. Не е само тоа, оние работници кои не ги уживаат придобивките на стабилен работен однос и не се заштитени ниту со пензиски стаж, што понатаму во подоцнежните години може да им создаде сериозни проблеми кон нивната основна егзистенција. Ова особено ако се земе предвид дека подигнувањето на индвивидуалните приватни кредити и задолжувањето стануваат сѐ подостапни.
Петто, МОТ известува дека од осамостојувањето до денес, Македонија не успеа да воспостави влијателен социјален дијалог на национално ниво. МОТ известува дека во повеќето економски сектори членството во социјалниот дијалог на работодавачите и работниците останува ограничено. Ограничувањето на дијалог не придонесува кон подобрување на работните услови, продуктивноста и потребите на бизнисот. Пoнатаму, МОТ известува дека наместо Македонија да развие стратегија на подобрување на продуктивноста и условите за работа, таа ги насочи своите политики кон привлекување на директни странски инвестиции од кои се очекува да ги обучат и дисциплинираат работниците. Овие политики не ја зајакнуваат преговарачката позиција на работниците, а како резултат на тоа се забележува слабо колективно преговарање во сите економски сектори и на сите нивоа.
Шесто, сите овие причини придонесуваат кон слаба доверба на работниците во инстутуциите кои се грижат за заштита на нивните работнички права. Истражувањето кое го направи Хелсиншкиот комитет потврдува дека работниците се крајно скептични кон институциите кои треба да ги заштитат и гарантираат нивните права. Посебно интересно е дека, кога станува збор за заштита на правата, работниците најмалку им веруваат на синдикатите. Работниците исто немаат доверба и во трудовиот инспекторат, министерствата и судовите. Тоа укажува на голема потреба од стратешко работење со институциите кои се грижат за состојбата на работничките права и посебно работење со организациите на работниците.
Заклучок
Денес во светот можат да се најдат многу примери на трудова експлоатација на човекот кои водат до големо раслојување на општеството и водат до вооружени судири помеѓу работниците и сопствениците. Примерите на рудниците во суб-сахарна Африка, небезбедната работа во Бангладеш и екплоатацијата на детски труд во Индија се појави кои одекнуваат низ сите светски медиуми. Трудовата експлоатација не се случува само низ светот, се случува и кај нас. Во Македонија постои експлоатација на детски труд, постојат практики на модерно ропство и постојат небезбедни услови за работа од кои произлегуваат смртни случаи на работното место. Иако овие примери во нашето општество не се алармантно масовни, сепак треба да се признае дека системот кој ги создава, надгледува и унапредува работничките права е во најмала рака фаличен. Дококу ваквите системски недореченост продолжат да влијаат врз намалување на моќта на работниците и зголемување на класните разлики, тогаш не преостанува ништо друго туку заострување на класните односи и намалување на социјалната доверба помеѓу индивидуите. Во таква општествена констелација, не може да се обезбеди економски напредок и трендот на иселување може да биде дополнително поттикнат. Затоа, потребата од подобрување на правата и сигурноста на работниците треба да е една од основните заложби на секоја администрација која стреми кон развој.