Договорите на определено време – алатка за изнудување покорност

март 16, 2020

Договорите на определено време – алатка за изнудување покорност title

Здравко Савески Институт за општествени и хуманистички науки, Скопје

Зошто работниците молчат? Зошто не смеат да писнат? Зошто не се борат? Има повеќе причини за тоа. Некои се објективни, некои субјективни. Некои имаат врска со природата на капитализмот, некои со личните карактеристики на работниците. Сите тие причини треба добро да се разгледаат за да продреме до коренот на проблемот. Зошто ни е потребен тој луксуз? Едноставно за да имаме нешто за што ќе пишуваме колумни? Или за да кукаме колку ни е лошо и да ја мантраме нашата беспомошност и празната надеж дека ќе дојде „Принцот на бел коњ“ да ни го даде на тацна подобриот живот? Или можеби затоа што можеме подобро да живееме, но за тоа треба ум во главата и сопствено залагање?

Од причините што го држат работникот покорен, во оваа прилика сакам да проговорам за договорите на определено време како еден од инструментите да се зголеми „флексибилноста на пазарот на труд“ (согласно красноговорот на екстремниот центар), односно полесно да се спроведува диктатурата на капиталот. Огромен е бројот на работници во Македонија, кои на свој грб ја доживеале судбината да не им бидат продолжени договорите на определено време само затоа што не прифатиле во достатна мера да им газат по нивните права и достоинство или едноставно затоа што не им биле по ќеиф на газдата односно директорот. Со оглед на тоа што во последниве години радикално се зголеми склучувањето договори на определено време (и тоа во контекст на заложбата на власта на СДСМ дека наводно ќе ја сведе нивната должина на разумно ниво!), важно е да се проговори на оваа тема.

Експлозијата на договорите на определено време

Како што може да се види од табелата, во 2003 година, пред да се воведе „флексибилноста на пазарот на труд“ во поглед на договорите за вработување, само 3,7 проценти од вработените биле ангажирани преку договори на определено време. Тоа ниво во следните години е во постојан пораст, за од 2017 до 2018 (за само една година) да експлодира од 18,7 на 25,8 проценти. Со други зборови, ако пред 15 години, договорите на определено време биле доста ретки, денес секој четврт работник во Македонија е ангажиран преку ваков вид на договор!

Година Вкупно вработени Вработени на определено време %
2003 245.417 9.091 3,7
2008 434.858 34.986 8,0
2009 426.252 40.442 9,5
2010 435.524 46.924 10,8
2011 458.873 54.673 11,9
2012 474.398 52.956 11,2
2013 483.447 57.588 11,9
2014 501.788 73.313 14,6
2015 519.031 76.918 14,8
2016 534.200 95.853 17,9
2017 548.681 102.417 18,7
2018 567.230 146.097 25,8

Извор: Државен завод за статистика. „Вработени и нето плати“ и

Макстат: Вработени според работниот однос, по НКД Рев.2, по пол, по години

Работите се уште поалармантни, кога ќе се видат податоците на Заводот за статистика по одделни сектори. Во преработувачката индустрија, секторот со најмногу вработени, договорите на определено време од 2008 до 2018 година скокнале од 11 на 43 проценти, а во секторот на административни и помошни услужни дејности веќе надминал над 50 проценти. Односно, таму има повеќе вработени со договор на определено отколку на неопределено време.

Зошто капиталистите и директорите ги љубат договорите на определено време?

Бидејќи тој лист хартија уште повеќе ја изместува рамнотежата на моќта на работното место во нивни прилог. На работникот, лишен од еден од столбовите на работничките права – сигурноста на работното место, во ситуација кога над неговата глава постојано виси Демоклиевиот меч на престанокот на работниот однос по истекот на договорот на определено време, тој лист хартија му наметнува покорност и дух на покорност, кој го принудува да „голта“ многу случаи на газење по правата и достоинството. Спротивни на законот, но… Ризикот да се изгуби работното место и да се загрози сопствената егзистенција за многумина е преголем. Па работникот се обесправува и обезвластува. Секој обид за организирано спротивставување на самоволието и хировите на газдата или директорот – е пресечен во корен. На оние работници кои се обидуваат да ги организираат своите колеги, по истекот на договорот на определено време, истиот не им се продолжува. Работниците кои и така се плашат да се организираат, овие договори уште повеќе ги држат подалеку од субверзивната идеја, макар и гарантирана со Уставот, на право на синдикално организирање.

Покорност од работниците! Поголем маневарски простор за самоволие и хирови! Сечење во корен на синдикалното организирање! „Елегантен“ начин за ослободување од непожелните работници! Па како капиталистите и директорите да не ги љубат договорите на определено време?!

Чаре?

Чарето е да се избориме договорите на определено време да се вратат на разумната должина од максимум една година. Вработувањето на определено време сега може да се склучи најмногу до пет години, но и по пет години не ви е гарантирано дека ќе добиете договор на неопределено време. СДСМ, кој во тандем со ВМРО-ДПМНЕ, ги „либерализира“ договорите за вработување преку измени на законите, по доаѓањето на власт во 2017 година запиша во Програмата на Владата дека до трансформација на работните односи од определено на неопределено време ќе дојде по шест и девет месеци наместо по пет години. Две и пол години се тегнеа, глумеа, преговараа, ретерираа, наводно сакаа, ама другите не им даваа и на крајот – ништо не бидна. Додека тоа го правеа – експлодира ангажирањето работници преку договори на определено време! СДСМ, исто како и ВМРО-ДПМНЕ, им слугува на интересите на капиталот и од нив не може да се очекува дека ќе ги лишат капиталистите од лостовите на нивната автократија во фирмите. Особено не кога работниците не им вршат притисок да ги променат законите. Кога на самите работници прашањето за работничките права им е 15-та работа која ја бараат од партиите.

Едно е сигурно. Додека самите ја овозможуваме ситуацијата на село без кучиња, ќе нѐ дерат. Дури и тие што сега немаат договори на определено време, ќе имаат. И ќе го почувствуваат бремето на дополнителното обезвреднување, обесправување и обезвластување што тие го носат со себе. И додека го чекаме „Принцот на белиот коњ“ да нѐ избави и додека си го дозволуваме луксузот да не се организираме, еве еден мал, но не и неважен пример за индивидуална борба што неодамна ми го кажаа:

На еден работник му давале да потпишува договори на определено време одново и одново. Затоа што, нели, му се може на газдата. Му пукнало на работникот, видел дека нема аир во фирмата и си нашол нова работа, ама на газдата каде што работел намерно не му кажувал дека заминува дури до последниот ден. И после тој не можел да му најде замена за толку брзо. Го молел да остане дури не му најдат замена, ама таков е законот – кај договорите на определено време нема обврска да се најави отказот и после тоа дополнително да се работи уште еден до три месеци, како при договорите на неопределено време.

Со нивни камен по глава! Кој последен се смее, најслатко се смее! Мала лекција за големата надменост!

Достоинството

Се разбира, не треба да се преувеличува ефектот од овој потег. Тој на капиталистот му предизвикал ситни турбуленции на неколку дена. Но, случајот не треба ниту да се потценува. Овој работник очигледно знае што е достоинство. И си го одбранил на многу инвентивен начин. Покажувајќи дека не само капиталистите можат да се прават паметни, туку дека тоа можат да го направат и работниците.

Сѐ додека немаме верба во колективната акција, ниту здрави синдикати и политичка партија, која ќе ги застапува нашите интереси како работници ниту ваквите ситни потези не смеат да се потценуваат. Што ќе биде ако оваа практика стане помасовна? Нема ли тоа да изврши притисок врз капиталистите да престанат ноншалантно да ги наметнуваат договорите на определено време?

Ние самите не си го цениме достоинството како работници. А кога ние не го цениме, како очекуваме газдите да даваат пет пари за него!? Затоа, кога ќе одлучите да заминете од фирмата, а имате договор на определено време – вака заминете, со крената глава! Тоа ќе биде ваша мала, но слатка одмазда за сите прекршувања и заобиколувања на законот што сте ги претрпеле.

Здравко Савески е антикапиталист и борец за социјална и климатска правда. Од 2014 до 2016 година бил секретар на Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО) во состав на ССМ. Моментално работи како истражувач во Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје.