Идентификувани и можни кривични дела сторени за време на насилството во Собранието на 27 април 2017 година
мај 5, 2017
Непосредно по изборот на претседател на Собранието на РМ од страна на парламентарното мнозинство, на 27 април 2017 година, околу 19 часот, организаторите и учесниците во протестот „За заедничка Македонија“ насилно влегоа во собраниската зграда. Видно од многубројните видео снимки, полициските службеници задолжени за чување на јавниот ред и мир и безбедноста на присутните во собраниските сали, дозволија непречен влез на протестантите. Влезот им беше дозволен и на лица кои беа маскирани со качулки и кои со себе носеа тврди и остри предмети наменети за загрозување на физичкиот интегритет на присутните во Собранието. Набрзо потоа повредени беа десетина пратеници (од кои најмалку еден со тешки повреди), новинари,над 70 граѓани и над 20 полициски службеници. Министерството за внатрешни работи во координација со Основното јавно обвинителство Скопје идентификуваше дваесетина сторители на кривични дела. Дел од нив беа приведени, а за дел беше определен притвор, куќен притвор и други мерки на претпазливост. Засега, идентификуваните сторители се осомничени дека сториле три вида на кривични дела – Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие, Учество во толпа што ќе изврши кривично дело и Предизвикување општа опасност.
Овој посебен извештај се однесува на кривични дела идентификувани преку фотографии, аудио-видео материјали и сведоштва, како и на кривичните дела за кои постојат сомненија, но сè уште не е истражено дали биле сторени и од кого. Извештајот се осврнува на повредите на права и слободи гарантирани со Уставот и санкционирани со Кривичниот законик. Текстот е наменет за информирање на јавноста, но и како алатка која на правосудните органи може да им послужи при носењето на одлуки поврзани со квалификацијата на кривичните дела и индивидуализација на кривичната одговорност при изрекувањето на казни од страна на суд. Извештајот содржи вкупно 28 кривични дела, од кои за 18 веќе постојат значителен број на докази и 10 кривични дела за кои постои сомнение дека се извршени. Можните сторители се поделени во четири групи: 1) организатори, 2) извршители, 3) полициски службеници и 4) нивни претпоставени). Кривичните дела произлегуваат од 8 поглавја од Кривичниот законик, а беа насочени против: 1) животот и телото, 2) слободите и правата на граѓаните, 3) имотот, 4) сигурноста, 5) државата, 6) службената должност, 7) правосудството и 8) јавниот ред. Улогата на правосудните органи е да утврдат дали и кои од посочените кривични дела се сторени или имало обид за нивно сторување и да не дозволат погрешна квалификација, колективизирање на одговорноста и паушално санкционирање.
ПОВРЕДА НА ПРАВА И СЛОБОДИ ГАРАНТИРАНИ СО УСТАВОТ НА РМ | |
ПРАВО ИЛИ СЛОБОДА | ПОВРЕДЕНИ ЗАТОА ШТО |
Право на живот
Член 10 |
Полицијата не ја исполни својата позитивна обврска да го заштити животот на нападнатите пратеници. |
Право на физички и морален интегритет
Член 11 |
Полицијата е пасивна, не презема службени дејствија за заштита и свесно не ги извршува своите овластувања. |
Право на слобода
Член 12 |
Дел од пратениците повеќе од три часа беа противправно лишени од слобода. |
Право на вршење на јавна функција
Член 23 |
Организираниот напад беше насочен кон суспендирање на правото на новоизбраниот претседател на Собранието, но и на други пратеници. |
Право на здравствена заштита
Член 39 |
Протестантите не дозволија навремен пристап на медицински возила. Полицијата реагираше предоцна |
КАТЕГОРИИ НА СТОРИТЕЛИ НА КРИВИЧНИ ДЕЛА | |
1. Организатори | Лица за кои постои сомнение дека нарачале, договарале, планирале или поттикнувале вршење на кривични дела. Истрагата треба да ги опфати организаторите на протестите „За заедничка Македонија“ за утврдување на можен статус на организатори во кривична смисла, како и политичката партија ВМРО ДПМНЕ за утврдување на можен статус на поттикнувачи. |
2. Извршители | Сите лица што во Собранието влегоа насилно и за кои постојат фотографии, аудио и видео записи, сведоштва или признанија дека сториле кривично дело. директните напаѓачи и лица што овозможиле, помагале или прикривале кривични дела. |
3. Полициски службеници | Сите што не применуваа полициски овластувања, помагаа, ги злоупотребија своите овластувања или положба и овозможија сторување на кривични дела. |
4. Претпоставени полициски службеници | Сите во хиерархијата на Оперативниот штаб на МВР за кои постои сомнение дека издале незаконити наредби, или свесно се откажале од издавање на законити и задолжителни наредби. |
I. КРИВИЧНИ ДЕЛА ПРОТИВ ЖИВОТОТ И ТЕЛОТО | |
КРИВИЧЕН ЗАКОНИК | ДОКАЗИ, ОСНОВАНО СОМНЕНИЕ,
ОДГОВОРНОСТ И КАЗНА |
1. Обид за убиство
Член 123 во врска со Член 19 |
Докази се тешките телесни повреди, фото и видео материјали и сведоштвата за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, како и сведоштва на нападнатите жртви пратеници.
Одговорност: организатори и извршители Казна: најмалку 5 години затвор |
2. Телесна повреда
Член 130 |
Докази се полесните телесни повреди (кај лицата со дозвола за влез во Собранието) во вид на подливи, црвенила, модринки или гребаници каде извршителот делувал индивидуално. Гонењето се презема по приватна тужба.
Одговорност: извршители и државата (за штета) Казна: парична казна или затвор до 3 години |
3. Тешка телесна повреда
Член 131 |
Докази се утврдените потешки телесни повреди и нарушувањето на физичкото и психичкото здравје на жртвите.
Одговорност: организатори, извршители и државата (за штета) Казна: затвор од 6 месеци до 5 години |
4. Учество во тепачка
Член 132 |
Докази се фото и видео материјалите на учесници во тепачки во кои неколку жртви беа потешко повредени, вклучително и повреди кај жртви што применија нужна одбрана поради што не сносат кривична одговорност.
Одговорност: извршители Казна: затвор од 3 месеци до 3 години |
5. Загрозување со опасно орудие при тепачка или караница
Член 133 |
Докази се фото и видео материјалите преку кои можат да се идентификуваат сите лица кои при тепачките или караниците посегнаа по опасно орудие (на пр. статив од видео-камера, делови од мебел, метални шипки итн.)
Одговорност: извршители Казна: парична казна или затвор до 3 години |
6. Излагање на опасност
Член 134 |
Докази се фото и видео материјалите, како и сведоштвата за сите што оставија без помош жртви во состојба на опасност за животот, која самите ја предизвикаа. Сторители се и лицата што не дозволија евакуација и пристап на брзата помош до жртвите.
Одговорност: извршители Казна: затвор од 3 месеци до 3 години или до 5 години ако жртвата била тешко телесно повредена |
7. Неукажување помош
Член 136 |
Докази се фото и видео материјалите и сведоштвата за лица што не им укажаа помош на жртвите кои се наоѓа во состојба на опасност за животот (нема кривична одговорност во случај кога тоа не можеле да го сторат без да постои опасност за нив или за друг)
Одговорност: присутните во Собранието Казна: парична казна или затвор до 1 година |
II. КРИВИЧНИ ДЕЛА ПРОТИВ СЛОБОДИТЕ И ПРАВАТА НА ЧОВЕКОТ И ГРАЃАНИНОТ | |
8. Противправно лишување од слобода
Член 140 |
Доказ се фото и видео материјалите и сведоштвата за лицата што дел од пратениците ги држеа затворени и им ја одземаа или ограничија слободата на движење.
Одговорност: извршители Казна: парична казна или затвор до 1 година |
9. Загрозување на сигурноста
Член 144 |
Докази се фото и видео материјалите и сведоштвата за лицата што на пратениците им упатија сериозна закана дека ќе ги нападнат нивниот живот или тело или животот или телото на нивни блиски лица. За закана кон едно лице гонењето се презема по приватна тужба, а кон повеќе лица по службена должност.
Одговорност: извршители Казна: парична казна или затвор до 6 месеци или до 3 години ако заканата била кон повеќе лица |
III. КРИВИЧНИ ДЕЛА ПРОТИВ ИМОТОТ | |
10. Оштетување туѓи предмети
Член 243 |
Докази се фото и видео материјалите за лицата што оштетија, уништија или сторија неупотреблив(и) предмет(и) во Собранието.
Одговорност: извршители Казна: парична казна или затвор до 3 години или до 5 години ако штетата била значителна |
IV. КРИВИЧНИ ДЕЛА ПРОТИВ ОПШТАТА СИГУРНОСТ НА ЛУЃЕТО И ИМОТОТ | |
11. Предизвикување општа опасност
Член 288 |
Докази се фото и видео материјалите за сите што со општоопасно дејствие (на пр. отстранување на барикади) или средство (на пр. статив од видео камери и метални шипки) предизвикаа значителна опасност за животот или телото на големиот број на присутни во Собранието и имотот од големи размери.
Одговорност: извршители Казна: затвор од 1 до 5 години |
V. КРИВИЧНИ ДЕЛА ПРОТИВ ДРЖАВАТА | |
12. Велепредавство
Член 305 |
Сомнение дека со употребата на сила и сериозна закана извршен е обид за изменување на уставниот поредок (владеење на малцинството наспроти мнозинството) или обид да се собори Собранието како еден од највисоките државни органи.
Одговорност: организатори и извршители Казна: затвор од најмалку 5 години |
13. Насилство спрема претставници на највисоките државни органи
Член 311 |
Сомнение дека постоеше намера за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на државата со сериозна закана новоизбраниот претседател на Собранието да биде спречен при вршењето на неговата должност.
Одговорност: организатори Казна: затвор од најмалку 4 години |
14. Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста
Член 313 |
Сомнение дека постоеше намера да се загрози уставниот поредок и безбедноста на државата преку сериозни закани и со акт на насилство, при што беше создадено чувство на несигурност и страв кај граѓаните. Сомнението е засилено со пронаоѓањето на импровизираната бомба во Собранието, составена од плинска боца и пиротехнички материјали.
Одговорност: организатори и изврштиели Казна: затвор од најмалку 10 години |
15. Саботажа
Член 315 |
Сомнение дека дел од пратениците во вршењето на својата работна обврска со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на државата на прикриен и подмолен начин предизвикааа значителна штета за Собранието. Сомнението произлегува од видео снимки на кои се гледа како пратеници свесно ја отворија вратата на Собранието, комуницираа со организаторите или извршителите и ги насочуваа при нивното движење.
Одговорност: пратеници-извршители Казна: затвор од најмалку 4 години |
16. Повикување на насилна промена на уставниот поредок
Член 318 |
Сомнение дека постоеше намера да се загрози уставниот поредок и безбедноста на државата со јавно повикување и поттикнување на непосредно извршување или поддршка за извршување на делата од точките 13-15 во овој текст. Сомнението произлегува од објавите на социјалните мрежи на организаторите на протестот „За заедничка Македонија“ и реториката за време на протестите.
Одговорност: организатори и извршители Казна: затвор од 3 месеци до 5 години |
17. Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост
Член 319 |
Сомнение дека преку присилба, малтретирање и загрозување на сигурноста беше предизвикана и разгорена омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на политичка и етничка припадност поради што дојде до безредие и насилство спрема луѓе и имотна штета од поголеми размери. Потврдата на ова сомнение би значело дека дел од кривичните дела се дела од омраза, што претставува отежнителна околност за можните сторители.
Одговорност: организатори и извршители Казна: затвор од 1 до 10 години |
18. Криење и помагање на сторител по извршено кривично дело
Член 325 |
Сомнение дека на можните сторители на кривичните дела од точка 12-15 во овој текст им било помагано, дадено засолниште, биле користени за одржување врска и биле преземани дејствија насочени кон спречување на нивно откривање или фаќање. Сомнението произлегува од наводите дека дел од осомничените што вечерта биле приведени, биле ослободени на пат кон полициска станица и дека дел од видео-снимките од безбедносните камери биле уништени.
Одговорност: организатори, полициски службеници и претпоставени полициски службеници Казна: затвор од 1 до 10 години |
VI. КРИВИЧНИ ДЕЛА ПРОТИВ СЛУЖБЕНАТА ДОЛЖНОСТ | |
19. Злоупотреба на службената положба и овластување
Член 353 |
Доказите произлегуваат од фото и видео материјалите на кои се гледаат полициски службеници што ја злоупотребуваат својата службена положба или овластување, со неизвршување на својата службена должност и нанесување на потешка повреда на правата на жртвите и голема штета на имотот на Собранието.
Одговорност: полициски службеници и претпоставени полициски службеници (доколку издале незаконска наредба) Казна: затвор од 6 месеци до 5 години |
20. Неизвршување наредба
Член 353-б |
Сомнение дека полициските службеници при вршење на должноста што се однесува на спречување и откривање на кривичните дела, фаќање на сторителите и одржувањето на јавниот ред, мир и безбедноста на земјата не извршија или одбија да извршат наредба на претпоставен за преземање некое службено дејствие, па поради тоа настапи потешка повреда на правата на присутните во Собранието, потешко нарушување на јавниот ред и мир и значителна имотна штета. Нема кривично дело ако полициските службеници одбиле да извршат незаконита наредба во кој случај претпоставениот службеник одговара под точка 19 од овој текст.
Одговорност: полициски службеници и претпоставени полициски службеници Казна: затвор од 3 месеци до 3 години |
VII. КРИВИЧНИ ДЕЛА ПРОТИВ ПРАВОСУДСТВОТО | |
21. Непријавување кривично дело или сторител
Член 364 |
Сомнение дека полициски службеници и пратеници свесно пропуштија да пријават кривични дела за кои дознале во вршењето на својата должност кога за тие дела може да се изрече казна затвор од пет години или потешка казна (види точки 1, 12-18 и 19-22 и 26 во овој текст).
Одговорност: полициски службеници, претпоставени полициски службеници, пратеници и вработени во Собранието Казна: затвор од 1 до 3 години |
VIII. КРИВИЧНИ ДЕЛА ПРОТИВ ЈАВНИОТ РЕД | |
21. Спречување службено лице во вршење службено дејствие
Член 382 |
Сомнение дека полициски службеници, преку малтретирање, навреди, сила или сериозна закана за напад врз нивниот живот или тело, се спречени во вршење на службата.
Одговорност: организатори, претпоставени полициски службеници, извршители Казна: парична казна или затвор до 3 години |
22. Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста
Член 383 |
Доказите произлегуваат од констатираните повреди кај полициски службеници или лица кои помагаат при вршење работи на јавната безбедност или заштита на уставниот поредок (собраниско обезбедување и телохранители).
Одговорност: организатори и извршители Казна: парична казна или затвор до 3 години или до 5 години доколку имало малтретирање, навредување и телесна повреда |
23. Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие
Член 384 |
Доказите произлегуваат од фото и видео материјалите и сведоштвата за лица што учествуваа во толпа што со заедничко дејствување спречи или се обиде да спречи полициски службеници во вршење на службено дејствие.
Одговорност: организатори и извршители Казна: затвор од 1 до 3 години за извршителите и до 5 години за организаторите (водачи на толпата) |
24. Учество во толпа што ќе изврши кривично дело
Член 385 |
Доказите произлегуваат од фото и видео материјалите и сведоштвата за учесници во толпата што со заедничко дејствување стори насилства спрема луѓе и оштети и уништи имот од поголема вредност.
Одговорност: организатори и извршители Казна: парична казна или затвор до 3 години, до 5 години доколку некое лице било тешко повредено или е предизвикана штета од големи размери, до 10 години за организаторот (водач на толпата) |
25. Насилство
Член 386 |
Доказите произлегуваат од фото и видео материјалите и сведоштвата за лица што малтретираа, грубо навредуваа, ја загрозија сигурноста на присутните во Собранието или врз нив вршеа грубо насилство и со тоа во јавноста предизвикаа чувство на несигурност, загрозување или страв.
Одговорност: организатори и извршители Казна: затвор од 3 месеци до 3 години за насилство од едно лице, до 5 години за организаторот или доколку е извршено од две или повеќе лица, над повеќе присутни во Собранието, настанала тепачка, нереди и оштетување на имот од поголема вредност или е предизвикана телесна повреда и до 10 години доколку е предизвикана тешка телесна повреда. |
26. Злосторничко здружување
Член 394 |
Сомнение дека за немирите во Собранието е создадена група или банда што имала за цел вршење на кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три или повеќе години. Сомнението произлегува од маскираните и координирани напаѓачи, нивното снаоѓање во собраниската зграда, организираното делување и воспоставените врски со дел од полициските службеници.
Одговорност: организатори и извршители Казна: затвор од 1 до 10 години за организаторот (создавачот на групата) и од 6 месеци до 5 години за припадникот на групата |
27. Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем
Член 394-г |
Сомнение дека некои од присутните во Собранието и други лица, преку компјутерски систем во јавноста ширеа расистички и ксенофобичен пишан материјал, слики и други репрезентации на идеи или теории што помагаа, промовира или поттикнуваа омраза, дискриминација и насилство, против одредени лица и групи, врз основа на етничка и политичка припадност. Сомнението произлегува од материјали што се шират по социјалните мрежи и дека поради нив дојде до безредие и насилства спрема луѓе и до имотна штета од големи размери.
Одговорност: организатори и извршители Казна: затвор од 1 до 10 години |
28. Изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело
Член 395 |
Доказ е пронајдената импровизирана бомба составена од плинска боца и пиротехнички материјали во Собранието. Бомбата очигледно била изработена за извршување на кривично дело против присутните во Собранието и предизвикување на значителна материјална штета.
Одговорност: организатори и извршители Казна: затвор од 1 до 5 години |
Согласно член 273 став 3 од Законот за кривичната постапка, секој може да пријави кривично дело кое се гони по службена должност. Со доставување на овој посебен извештај до Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи, бараме да биде поведена предистражна постапка за утврдување на кривична одговорност за кривичните дела опфатени во Извештајот, согласно одредбите на Законот за кривичната постапка.