Анализа на кривично-правната заштита за кривичните дела против слободите и правата на човекот
јануари 13, 2017
Целта на оваа анализа е да даде информација за тоа колку граѓаните ја користат можноста да пријават кривични дела против нивните права и слободи, вклучително и избирачките права, колку јавното обвинителство гони за овие кривични дела по службена должност и како постапувале судовите во постапките поведени за овие кривични дела во последните пет години. Потребата од изработка на ваква анализа произлегува од предизвиците со кои се соочува Република Македонија на полето на заштита на човековите права, а особено во врска со случувањата поврзани со разоткривање на изборни измами што се случувале во повеќе изборни процеси. Информациите во врска со изборните процеси што произлегоа од незаконско прислушкуваните аудиоматеријали и нерегуларностите од избирачкиот список, укажуваат на голем број извршени кривични дека против изборите и гласањето од страна на највисоките функционери од власта. Понатаму, во последно време сме сведоци на масовно прекршување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, почнувајќи од неовластено прислушкување и тонско снимање и злоупотреба на личните податоци до спречување и смеќавање на јавен собир и малтретирање во вршење на службата. Дополнително, факт е дека ваков вид анализа досега не е изготвена од страна на ниедна релевантна институција или организација, па така нужноста за нејзино изготвување беше оправдана. Целта на анализата е квантитативно да утврди колку граѓаните во периодот од 01.01.2010 до 31.05.2016 година се обратиле до институциите со цел заштита на своите права заштитени со Кривичниот законик. Исто така, анализата ќе покаже и квалитативни податоци за тоа колку институциите ефективно и ефикасно преземаат соодветни дејства и мерки согласно законите во вакви случаи.