Пандемијата уште повеќе ја зголеми омразата на социјалните мрежи

мај 19, 2020

Во април Хелсиншкиот комитет за човекови права нотирал значително голем број на пријави поврзани со говор на омраза на социјалните медиуми. Упатените велат дека тоа е поради неказнивоста на сторителите на овие кривични дела, но и поради предрасудите и стереотипите кои постојат во нашето општество.

Трендот на почесто користење на говор на омраза продолжува да расте и во услови на епидемија на корона вирусот, покажува последниот месечен извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Оваа организација регистрира значително голем број на пријави поврзани со говор на омраза во април, односно вкупно 112 верификувани пријави.

Во Македонија има над 100 починати од Корона вирусот. Во светот пак, има над четири милиони и 300 илјади заболени, а над 290 000 се починати од вирусот Ковид 19, кој почна да се шири лани во декември од кинескиот град Вухан.

Како и да е, реакциите на социјалните медиуми, слично како и за март 2020 година, се однесувале на полицискиот час, како и на мерките кои се преземаат од страна на Владата за спречување на ширењето на корона вирусот.

„Во овој период е регистрирано 100 процентно зголемување на говор на омраза во споредба со ланскиот период. Ова се должи на најавата за предвремени парламентарни избори, а понатаму и со прогласувањето на вонредната состојба. Најголемиот број од случаите се однесуваат на ситуацијата со пандемијата со КОВИД-19, вонредната состојба и зголемениот карантин за време на вонредната состојба. Интересно е што е зголемен говорот на омраза пред христијанскиот празник Велигден и почетокот на рамазанските пости, односно во периодот на најдолгиот карантин“, вели Славица Анастасовска, правен советник во Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Најголем број од пријавите (или 61 %), слично како во март, повторно се однесуваат на две категории и тоа етничка припадност и политичка припадност. Сепак, со воведувањето на категоријата говор на омраза врз основ на здравствена состојба, Хелсиншкиот комитет го унапреди сопствениот систем за следење со оваа категорија. Па така, во април, по основ на здравствена состојба беа утврдени 11 % од вкупниот број пријави, а верификувани се и пријави по основ на социјално потекло, како и религија и религиско уверување.

Зголемениот број повторно се должи на продолжената вонредна состојба во државата за спречување на ширењето на коронавирусот, а од Хелсиншки наведуваат дека е забележана и активна негативна дискусија помеѓу поддржувачи на партиите на власт и опозицијата, особено за начинот како државата се справува со кризата, како и иницијативата на група пратеници за свикување на Собранието за потврдување на одлуката на претседателот на државата за продолжување на вонредната ситуација.

„Ако се прашаме зошто во нашата држава е зголемен говорот на омраза, има две причини. Прво затоа што граѓаните се полни со предрасуди и стереотипи и не се доволно свесни за последиците кои може да ги предизвикаат со ширење на омразата. А од друга страна системот на заштита од говор на омраза не е поставен да може да даде одговор на овој негативен феномен, па оттаму продолжува и трендот на неказнивост на сторителите на овие кривични дела. Јас лично одговорот го гледам во едукација на општата јавност во земјава“, изјави Анастасовска.

Дека овој тренд продолжува во последните неколку недели укажуваат и од невладината организација Нексус-граѓански концепт, која изработува неделни извештаи за дезинформации и ширење на говор на омраза во медиумите и социјалните мрежи.

„Според нас, говорот на омраза станува секојденевие поради неказнивоста и несанкционирањето на лицата за овие дела. Затоа што не е целта да се имаат само закони, ако тие соодветно не се спроведуваат. Друг момент кој сакам да го нагласам зошто се зголеми говорот на омраза е тоа што ние станавме 30-чланка на НАТО Алијансата и поради одлуката за почеток на преговори. Така што нашата држава сега станува поинтересна за големите светски сили коишто гледаат некаков интерес во овој дел од Балканот. Па така, некои од нив сакаат да помогнат, а некои да одмогнат да се имплементираат ваквите процеси во нашата држава“, вели извршната директорка на Нексус-граѓански концепт, Афродита Муслиу.

Од Хелсиншки порачуваат дека заканите и говорот на омраза не спаѓаат во доменот на слобода на говорот и може да предизвикаат сериозни последици и самоцензура кај новинарите.

„Единствено преку строга санкција на ваквите закани од страна на институциите ќе може да се спречат идни напади и закани кон новинарите. Државата има обврска да обезбеди ефикасен систем на превенција и казнување на насилството врз новинарите, бидејќи тоа е основен предуслов за подобрување на состојбата со слободата на говорот“, се вели во извештајот на Хелсиншки.

Муслиу пак, забележува дека загрижувачки е тоа што одредена група на влијателни луѓе, меѓу кои академици, професори и политичари го шират говорот на омраза.

„Загрижува тоа што една одредена група на влијателни луѓе кои имаат огромна поддршка од граѓаните всушност го шират говорот на омраза. Една од позастрашувачките работи е што ваквите содржини кои се објавени на социјалните мрежи поттикнуваат дебата, која се води во погрешна насока, се продлабочуваат стереотипи, предрасуди, и така настануваат се поголеми поделби во општеството, односно таканаречена поларизација“, предупредува Муслиу.

Хелсиншкиот комитет и во овој извештај уште еднаш изразува загриженост за драстичното зголемување на говорот на омраза, особено во новонастанатиот контекст со продолжувањето на вонредната ситуација во државата. Ова е особено важно во отсуство на функционално Собрание и можност за ефикасен надзор врз работата на извршната власт во време на вонредна ситуација апелираат од Хелсиншки и ги повикуваат граѓаните да пријавуваат говор на омраза на социјалните медиуми на платформата www.govornaomraza.mk или директно во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.

Инаку, според „Индексот за слобода на медиумите“, што неодамна го објави организацијата „Репортери без граници“ нашата земја е рангирана на 92-то место, но од невладината исто така констатираат дека:

„За жал, традиционалните закани и навреди од високи функционери кон печатот остануваат силни, а сајбер-нападите се во пораст“.

Исто така во делот за Северна Македонија е наведено дека Владата сѐ уште не го смени Законот за јавни медиуми, а реформата на јавниот радио дифузер е запрена“.


Марија Тумановска

Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.