Последиците врз младите од кризата ќе траат долго, мора да се делува итно

април 28, 2020

Документ со итни препораки на граѓанските организации за намалување на негативните ефекти врз младите

Здравствено – економската криза предизвикана од Ковид-19 веќе се одразува врз македонското општество и неговите ранливи групи, а младите ќе бидат посебно тешко погодени. Поради ова, група граѓански организации изготви итни препораки до институциите за да се намали негативниот ефект врз младите во оваа вонредна состојба. Групата ги повикува граѓанските организации заинтересирани за добросостојбата на младите, да се приклучат на иницијативата и во долгорочното планирање и препораки за последиците од оваа криза.

Проценките на ефектите од економска криза во замав укажуваат дека цели групи луѓе ќе паднат во сиромаштија. Младите како работници со често погазени работнички права, се меѓу првите кои ги трпат последиците од отказите. Големиот број млади невработени ќе паднат уште подолу во редот за вработување. Учениците и студентите изолирани од врсниците се справуваат секојдневно во импровизираните онлајн училници. Нејасно е колку добиваат знаење, дали сите имаат пристап до онлајн наставата и како ќе се заврши учебната година. Пролонгираната изолација и попречената социјализација имаат негативен ефект врз менталното здравje и психолошката состојба на младите. Зголемено е домашното насилство, а младите жени, девојки и деца немаат услови да го пријават или да се заштитат поради ризикот од зараза. Зголемена е и ризичната употреба на психотропни супстанци. Стравот, вознемиреноста и стресот од оваа состојба догорочно ќе водат кон анксиозност, депресија и низа други појави.

За да се намалат овие последици врз младите, а со тоа и негативните последици врз општеството е изработен овој документ со  препораки од страна на 12 граѓански организации. Документот ги дава итните препораки за политики кои треба да се спроведат веднаш за да се намалат последиците додека трае изолацијата и вонредната состојба. Поради ургентноста и променливоста на ситуацијата, документот е објавен за институциите да можат да ги искористат овие препораки.

Во следните месеци, групата организации зад овој документ ќе започне со изработката на следното ниво препораки, кои ќе се однесуваат на периодот по најлошото од кризата, надминувањето на „пикот“, намалувањето на рестрикциите, укинувањето на вонредната состојба и соочувањето со долгорочните последици. Бидејќи е потребно сериозно планирање, консултации и иновација за да се најдат најдобрите решенија, ги повикуваме граѓанските организации, особено оние водени од млади или за млади, да се приклучат кон оваа иницијатива и да учествуваат во изработката на нови препораки, наменети да дадат препораки за светот на младите на долг рок. Организациите може да се пријават на следната врска.

Ги повикуваме институциите да ги сфатат овие препораки сериозно и да делуваат за добросостојбата на младите. Овие итни препораки целат да дадат информирана насока за потребни политики со чија навремена имплементација ќе се намалат последиците врз добросостојбата на младите. Сите генерации се погодени од оваа криза. Но последиците врз младите ќе одекнуваат најдолго.

Документот е изработен од следните организации: AРНО – Асоцијација за развој на нови опции, Младински образовен форум (МОФ), Реактор – Истражување во акција, Хелсиншки комитет за човекови права, Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Психотерапика – Платформа за кризна акција за млади, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, ХОПС – Опции за здрав живот, Центар за интеркултурен дијалог (ЦИД) – Куманово, Сојуз за младинска работа (СМР), Сојуз на извидници на Македонија (СИМ) и Национален младински совет на Македонија (НМСМ).