Хигиена во затворите во време на пандемија – Хелсиншки комитет: Нема соодветен план за одговор
април 8, 2020
Вака пристигнува лебот во затворот „Идризово“. Во кутии оставени на под и незавиткан во ќесе или хартија.
Оние што ги вадат лебовите од кутиите, немаат ниту ракавици, а ниту пак маски, иако сме во вонредна состојба и пандемија.
„Нема ниту една заштитна мерка против инфекции. Лебот доаѓа од надвор, доаѓа од друг затвор кој е полуотворен. Тие го подготвуваат, немаат ниту средства за заштита, ракавици… ништо, видовте и самите. Ако мислат дека има хигиена во затворот во „Идризово“, тогаш зошто не ви дадат дозвола вам да дојдете и самите да се уверите какви се условите?“, вели затвореник од затворот „Идризово“
Затворениците со кои контактираше ТВ21, се жалат на влага во затворските простории во „Идризово“, како и на недостаток на тушеви, бидејќи како што велат, оние што ги имаат се импровизирани. Сето ова е дел од последниот извештај на Хелсиншкиот комитет за затвори, каде покрај мувлата, лошата реа и вошките, e нотирано и за пренатрупаност во ќелиите со затвореници и кревети на 3-4 спрата. Сибел Ахмет од Хелсиншкиот комитет, кој ја следи состојбата во затворите, тврди дека хигиената не е на задоволително ниво, иако во споредба со претходните години, има подобрување. Во однос на актуелната состојба со епидемијата Ковид-19, додава нема нема соодветен план за одговор.
Од Управата за извршување санкции негираат, велејќи дека веднаш откако Владата ги донела мерките, била издадена наредба – во сите затвори да се забранат посетите, да нема излегување за викенд, да се забрани годишниот одмор и другите ангажмани надвор од затворот. Други мерки кои се донесени според Управата се:
„Секојдневна дезинфекција на просториите во кои престојуваат осудените лица, каде се движат и работат, просториите каде се подготвува и складира храната, ходниците, тоалетите и бањите,
-на осудените лица да им се поделат ракавици, течен шампони, сапуни и гел за дезинфекција,
-на осудените лица не им се доделени заштитни маски затоа што немаат контакти со надворешниот свет, додека вработените во затворите се задолжени да носат маски и ракавици,
-на влезовите во просторот каде престојуваат осудените лица, поставени се препарати за дезинфекција,
-во сите казнено – поправни установи се набавени безконтактни топломери со кои редовно им се контролира телесната температура на осудените лица“, се вели од Управата за извршување санкции.
И покрај тврдењата на Управата за извршување санкции, затворениците со кои контактираше ТВ21, велат дека не добиле ниту ракавици, ниту дезинфекциски средства, а пак, дезинфекција се врши ретко. Покрај Хелсиншкиот комитет, и Комитет за спречување на тортура, кога беше прогласена светска пандемија на Ковид-19, препорача да се создадат услови за што подобра заштита.
Хелсиншкиот комитет и Здружението на Млади правници, до надлежните институции предложија мерки, како што се: времено пуштање на затворениците со хронични болести, според листата на СЗО, или пак, да се ослободат оние кои се при крај со отслужување на казната, меѓутоа досега не добија одговор.