Користење на actio popularis во случаи на дискриминација

ноември 29, 2016

Моделот на индивидуална правда многу често претставува неефективен инструмент за докажување на структурната и институционална дискриминација. Од тие причини, при констатација за постоење на системска повреда на права, се користи правниот институт аctio popularis, кој е востановен така да претставува ефективен механизам за заштита во вакви случаи. Суштината на аctio popularis е втемелената акција на другиот за заштита на преостанатите, со цел заштита на нивните права или, пак, заштита на принципот на еднаквост. Тргнувајќи од самиот контекст на недискриминација, заштитата на малцинските групи треба да претставува јавен интерес на едно општество што се стреми да се дефинира како демократско. Оттука, есенцијално во примената на овој метод е проценката на тоа што се подразбира под јавен интерес и што претставува поголема група граѓани, односно заедница. Ценејќи дека ефикасната заштита на малцинските групи во едно општество претставува вредност иманентна за земја што се декларира како демократска, произлегува дека обезбедувањето на таа заштита и секако пристапот до правда се од особено значење кога овие права се повредени. Спецификата на Actio popularis се состои и во фактот дека овозможува проактивна улога на здруженијата на граѓани во заштитата од дискриминација, особено кога станува збор за маргинализираните и ранливите групи луѓе.