Блиску, а толку далеку – децениска борба на поречани за обнова на релацијата со Скопје
декември 23, 2019
Патот кој го поврзува Скопје со Порече бил затворен 1947 година за потребите на тогашната југословенска влада. Поради лоцирањето на воени објекти во Јасен, се затворил целиот регион и бил прогласен за резерват. Со тоа се прекинала најкратката врска на ова население со главниот град. По забраната, луѓето почнале да гравитираат кон Прилеп, Кичево, Гостивар, Тетово, а тие кои се иселиле во Скопје требало да минуваат околу 250 километри за да го посетат родниот крај. Селата кои се најблиску до Скопје, станале најоддалечени. По распадот на федерацијата, во 1992 година, тогашниот министер за транспорт и врски, Антони Пешев, донел одлука да се дозволи сообраќај по тој пат, но со строг режим – минувањето да е дозволено само во одредено време од денот и таа одлука е на сила и денес. А самиот пат, во голем дел, е во лоша состојба.
„Борбата за патот трае од 1948-ма. Прво почна здружението „Слобода“ од Здуње, па почна „Поречки средби“, па здружението „Порече“, па „Опстанок на Порече“, па сега заедно со „Поречка Матица“ и на крај до кај ќе стасаме, не знаеме’’- вели Стојан Стојчески, поречанец, кој живее во Скопје и со години се обидува да издејствува решение за овој проблем. Тој и неколкумина жители од овој крај, се обратија до Хелсиншкиот комитет за човекови права, во обид да го актуелизираат прашањето за поврзување на Поречкиот крај со главниот град. Дел од тимот за бесплатна правна помош на Хелсиншкиот комитет помина еден ден со овие луѓе и директно се соочи со проблемите кои ги носи ограничената слобода на движење.
„Нашите граѓани треба да се изедначат во правата со останатите граѓани во државата. Во однос на обврските се еднакви, а во правата не се еднакви. Тоа треба да се стори. А за да се стори тоа, треба да се изгради патот. Нашите граѓани да патуваат како што патуваат останатите што граничат со Скопје. Ним им треба 40 до 50 минути да стасаат до Скопје, нам ни требаат 12 саати, зборам за Здуње и Бороска Брезница. 12 саати им треба да дојдат до Скопје. Тоа значи како да патува еден патник од Скопје до Австралија“ – вели тој и додава: „1283 година, кога била Византија, постоел пат овде и во турско, а ние сега пола Македонија ја заобиколуваме за да дојдеме до Скопје’’.
Ограниченото движење во овој регион се оправдува со безбедносни причини. Од друга страна, постои реална опција да се изгради пат кој би ги заобиколил објектите од стратешки воен карактер, а со кој би се отворила артеријата за проток на луѓе и добра помеѓу Порече и Скопје. Со тоа директно би се отвориле можности за развој на овој регион, од кој луѓето во изминатите децении масовно се иселуваат. Транзицискиот период, а особено затворањето на фабриката во Самоков, дополнително ја влошиле оваа ситуација. Сепак, регионот изобилува со потенцијал за органско производство на храна и туризам. Има луѓе кои се заинтересирани да се вратат да живеат во местата од каде се иселиле и ги обновуваат куќите на своите родители или почнуваат да се занимаваат со пчеларство и земјоделие. Во обид да го поттикне развојот на регионот, општината Македонски Брод во изминатите години дала можност за изградба и на неколку викенд населби. Сето ова би добило вистински поттик и би дало поголеми резултати, само доколку вистински профункционира регионален пат од Скопје, до, како што велат локалните жители, срцето на Македонија.
Стратешка цел за развој на целата општина
Ја посетивме и општината Македонски Брод, каде разговаравме со Зоран Новески, раководител на секторот за комунални дејности, ЛЕР, урбанизам и заштита на животната средина. „Број еден стратешка цел на општината е изградба на тој пат, кој ќе ја поврзe општината Македонски Брод со Скопје“ – вели Новески и додава дека тоа било дел од досегашните стратегии кои не се реализирале. Тој појаснува дека владата во 1999 година го прогласила патот за регионален, но дека според карактеристиките тоа не е така.
,,Од мостот на Беличка река до мостот на езерото Треска, во должина од 24-25 километри, патот е со карактеристики на локален пат, со 3.5 метри асфалт. Потоа, од мостот на езерото Козјак до Коломот е со должина од 8.2 км, со карактер на регионален пат, со 6 метри коловоз и сите други елементи, но од Коломот до Нова Брезница, патот е исто така од локален карактер и е со режим на движење. Јасен има режим во двата правци и за таа делница ние во општината имавме јавна расправа, со претставено идејно решение на Прима инженеринг, дискутиравме и со тогашниот директор на Јасен, а имаше и здруженија“ – вели Новески и појаснува дека барањето за патот датира години наназад и дека многу политички гарнитури се промениле, а го оставиле проблемот, иако решението би било особено важно за сите села по течението на Треска затоа што патот многу би се скратил.
На нашето прашање што е поголем проблем за изградба на патот, дали резерватот Јасен или парите, Новески сподели лично мислење дека парите се поголем проблем затоа што за заштита на дивечот можат да се изградат премини над и под патот, да се постави ограда и слично.Во однос на потребните средства, Цана Џуковска сподели со нас податок дека според проектот на Прима инженеринг изградбата на патот би чинела 9 милиони евра, меѓутоа според некои проценки на Јавното претпријатие „Државни патишта“ тој би чинел 15 милиони евра, иако не знаат според кој проект се правени тие пресметки. Таа нагласува дека добра околност е што на трасата не се предвидени мостови, кои се скапи за изградба и одржување.
Проблеми со јавниот превоз
Селата што се наоѓаат покрај езерото и покрај Треска, кои гравитираат кон Скопје, немаат никаков јавен превоз, што дополнително ја отежнува слободата на движење која и така е многу ограничена поради патниот режим кај Јасен. За некои жители јавниот превоз е оддалечен десетици километри од нивното село, а во дел од селата во регионот се користи организираниот превоз на ученици како единствена опција.
„Нашиов регион е одма позади Водно или Сува Гора е одма позади Тетово и Гостивар. Ваму долу сме до Прилеп, десно до Крушево, Велес. И сега што е тажното, сите тие наши комшии имаат и автобуска и железничка линија, а ние немаме ништо, ни такси немаме. И сега тоа е проблемот и сме соочени со голема, огромна миграција на населението. Во 1961 година овој регион имал 200 илјади жители, многу население. Во селото Волче, на 1200 метри надморска висина имало осмолетка, а сега има двајца луѓе што живеат“ – вели Џуковска.
Откако ни го раскажа својот случај, кога за да го пренесат итно во Скопје поради сериозна здравствена состојба, морал да ги убедува и моли одговорните кај рампата, , Серафиле Гечески се осврна и на трошоците со кои се соочува населението : „54 села се начисто отсечени од светот… одговорот што сум го добил некаде е многу непријатен – имате патишта, ете ви го преку Гостивар, ете ви го преку Прилеп. А да патуваш 240 километри место 50 или 100, дали е тоа објективен одговор? Сите немаме коли, ни можеме, тоа ниту било ни ќе биде. Јавниот превоз кој треба да биде, не викам јас субвенциониран од државата, туку бенефициран. Не може од 100 денари работа да платиш 90 на државата, кога немаш ќар. Значи да биде бенифициран и да се пушти јавен превоз да може секој да појде и да дојде. Значи да платиш 100 денари превоз и 500 исто ли е?“—револтирано констатира Гечески.
И Скопје би имало придобивки од патот
Цана Џуковска е една од најактивните иницијатори за заживување на регионот преку изградба на патот, а започнала и со организирање на настани преку кои се промовираат можностите за развој. „Ние не бараме да се направи не знам што, само да нема режим“ –вели таа. „Овие осум километри и 223 метри да се направат, граѓаниве, ние сме што сме колку сме, да бидеме испочитувани од државата. Сите жители од овој регион работеле на работни акции за градење патишта во сите околни региони, ангарија, бесплатно работеле. Сега тие патишта ги реновираме, а ние немаме пат уште направен да стигнеме до Скопје. Од платата одбивале заем на нашите родители, по една плата им зеле за изградба на патишта. И овој пат се влече, од 1992 до 2019, со одлуки, со сите влади. Нон стоп се носат одлуки, никогаш не се изгради. А има потенцијал.’’ Цана потсетува дека едни од најубавите пештери во земјава се наоѓаат токму во селата Слатина и Белица и додава: ,,За цело Скопје како за викенд е идеално, семејството да дојде на чист воздух. Особено ако се поврзат со локалните жители, да им одгледуваат здрава храна – ем едно семејство ќе живее од тоа, ем ова семејство ќе јаде здрава храна и ќе станат пријатели што ќе можат да се договараат како секој викенд да си го поминат. Децата наместо да гледаат кози и овци во зоолошка, ќе ги видат во природа, ќе играат со мачиња и кучиња. Значи ова за Скопје е идеално место. Многу е блиску, а толку далеку. Тоа само ради тој пат, ништо друго’’.