Собранието да ги разгледа слабостите во Годишниот извештај на Комисијата за заштита од дискриминација
април 30, 2013
Мрежата за заштита од дискриминација, по јавното презентирање на Годишниот извештај на Комисијата за заштита од дискриминација за 2012 година (Извештајот), констатираше дека истиот има низа недостатоци за кои сакаме да ѝ укажеме на јавноста. Општа забелешка е дека Извештајот нема едукативен карактер и не ги утврдува трендовите на дискриминација во 2012 година, не ги утврдува причините зошто по определена основа за дискриминација има зголемен број на поднесени претставки, ниту посочува кои мерки треба да се преземат за надминување на определени состојби на општествена и системска дискриминација.
Главен недостаток на Извештајот е неможноста да се утврди ефикасноста на Комисијата. Извештајот содржи информација за бројот на претставки за кои Комисијата решила да не постапува поради истек на рокот за постапување или поради очигледноста дека нема повреда, но нема информација за причината за големиот број нерешени предмети.
Понатаму, во Извештајот е потенцирана потребата од преземање неопходни мерки со цел од наставните материјали да се елиминираат сите содржини кои поддржуваат родови и други стереотипи и предрасуди. Но, Комисијата во извештајот дава препораки на кои ни самата не е доследна. Во 2012 Комисијата одлучуваше по претставка за учебникот „Криминалистичка психологија“ и наместо да да ја елиминира дискриминаторната содржина кон ЛГБТ лицата, таа не утврди постоење на дискриминација. На тој начин Комисијата не остана доследна на своите минатогодишни ставови, кога во учебник по педагогија со слична содржина беше утврдена дискриминација.
Комисијата исто така констатира дека од поднесените претставки може да се утврди дека постои свесно направена дискриминација од страна на поединци, каде што со одредени изјави или однесувања се нарушува достоинството на едно лице или група на лица поради нивните лични карактеристики, особено споменувајќи ги маргинализираните групи и ЛГБТ популацијата. Меѓутоа, наспроти ваквиот став Комисијата сѐ уште нема одлучено во однос на трите претставки во кои преку дискриминаторски изјави, намерно и свесно се навредува достоинството на ЛГБТ лицата.
Особено загрижува праксата на Комисијата со која се избегнува утврдување на постоење или непостоење на дискриминација врз основа на поднесените претставки. Забележлива е праксата на Комисијата на усвојување мислења со кои ја прекинува постапката, користејќи образложение дека постапките се беспредметни бидејќи повредата на правото е отстранета од страна на потенцијалните дискриминатори, без притоа да утврди дали во конкретниот случај постоела дискриминација. Ваквото постапување на Комисијата оневозможува да се утврди одговорност на сторителите на дискриминација, а следствено на тоа и можност жртвата на дискриминација да обезбеди натамошна заштита пред други надлежни институции.
Дека на овој начин Комисијата создава ситуација на нереално прикажување на состојбите со дискриминацијата покажува и констатацијата со која всушност се признава постоењето на дискриминација: „Позитивен е фактот дека мнозинството од потенцијалните дискриминатори – државни органи, по препорака на Комисијата, покажуваат подготвеност да ја отстранат повредата на правото, дури некои од нив и при самиот процес на решавање на претставката го повлекуваат дејството на дискриминација…“
Мрежата за заштита од дискриминација ќе побара од Собранието на Република Македонија да го разгледа Извештајот на Комисијата за заштита од дискриминација и да побара детални информации за посочените слабости.