Притворот се претвори во сурова и нечовечна казна

ноември 22, 2013

Во текот на изминатите неколку месеци до Хелсиншкиот комитет беа поднесени зголемен број на претставки поврзани со мерката притвор. Во претставките главно се забележува на постапките за неговото определување и продолжување, долготрајноста, некористењето на поблаги мерки, пренатрупаноста, лошите услови за живот и несоодветната здравствена заштита. Со оглед на ваквите состојби, Комитетот се обрати до Управата за извршување на санкците и побара податоци за капациетот на притворите и бројот на притвореници. Според добиениот одговор, состојбата е следна:

Специјалниот известувач за тортура на Обединетите нации наведува дека пренатрупаноста во затворените институции е еднаква на малтретирање па дури и мачење.[1]  Ваквиот став произлегува и од праксата на Европскиот суд за човекови права преку која е утврдено дека и во случаи  кога државата нема намера некого да мачи, пренатрупаноста и лошите услови во притворите се еднакви на тортура.[2]  Дека Македонија е една од земјите каде овој проблем е хроничен е потврдено и во извештаите на Комитетот за превенција на тортура при Советот на Европа. Наместо спречување на ваквата потешка повреда на човековите права, бројот на притвореници расте, а условите во притворите се дополнително влошени.

Хелсиншкиот комитет е особено загрижен поради начинот на кој се определува притворот, па и кога за тоа не се исполнети законските предуслови. Таков е и случајот со претседавачот на Советот на Општина Центар, г. Мирослав Шиповиќ. Имено, тој е решен да се соочи со обвинението, доброволно отпатува кон Македонија и не го обжали барањето за екстрадиција со што е исклучена можноста од бегство, повеќе не е овластено лице во претпријатието во кое наводно е сторено кривично дело и не постои можност да го повтори или доврши делото, а опасноста од евентуално влијание врз сведоците е минимална бидејќи истрагата е во понапредна фаза и тие се веќе сослушани од страна на истражен судија. Настанувањето на такви околности може да се спречи и преку определување на поблага алтернативна мерка.


[1] United Nations, General Assembly, A/68/295, pg. 22, 9 August 2013.

[2] Kalashnikov v Russia (47095/99), 15 July 2002, para. 92-103.