МВР треба да докаже дека не дискриминира

јули 1, 2014

Мрежата за заштита од дискриминација остро го осудува најновиот случај на постапување на граничните полициски службеници кога се работи за напуштање на границите на Република  Македонија од страна на припадниците на ромската етничка заедница. Деновиве во јавноста беше објавен нов случај на ограничување на правото на слободно движење на припадничка на ромската етничка заедница, актерката Емра Куртишова. Во конкретниот случај на актерката, не и било дозволено да го напушти скопскиот аеродром и да отпатува во посета на својата сестра во Германија.

Овој случај не е изолиран, ниту единствен, туку е само потврда на веќе воспоставената дискриминациска пракса на Министерството за внатрешни работи да го ограничува правото на слободно движење и напуштање на државата за Ромите, а под изговор дека лицата се можни азиланти. Меѓутоа, со овој случај се докажува дека ниту статусот на вработено лице, ниту причината поради која се напушта државата, ниту поседувањето на потребните документи не се доволни за Ромите да го остварат своето право на слободно движење и напуштање на земјата.

Согласно изјавата на Министерката за внатрешни работи,на актерката не и бил дозволен излез од Република Македонија поради тоа што не ја имала потребната документација за патување во Германија, односно не ги исполнувала условите од шенгенскиот код. Во овој контекст би сакале да го потсетиме Министерството за внатрешни работи на член 27 од Уставот на Република Македонија, според кој се гарантира правото на слобода на движење вклучително и правото секој граѓанин на Република Македонија слободно да може да излезе и повторно да влезе во државата. Ова право може да се ограничи единствено заради заштита на безбедноста на Републиката,  водењето кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето, а безвизниот режим не е ниту еден од овие три исклучоци.

Не е доволно Министерството за внатрешни работи да тврди дека не ги дискриминира Ромите, туку треба да докаже дека кон сите граѓани има еднаков третман, односно дека вакви проверки врши кон сите граѓани, а не само кон припадниците на ромската етничка заедница. Исто така, Министерството за внатрешни работи треба да одговори и за праксата на обележување на пасошите на граѓаните од ромска националност на кои не им бил дозволен излез со две црти или пак со печат. Наместо државата да работи на подобрување на статусот на Ромите и еднакво практикување на правата гарантирани со Уставот и меѓународните документи ратификувани од страна на Република Македонија, државата одлучи да применува дискриминациска практика со која се ограничува правото на слободно движење поради нееднаков третман и која добива размери на расна дискриминација.

Мрежата за заштита од дискриминација ги повикува граѓаните кои биле жртва на дискриминација од полициските службеници на граничните премини, на начин што неосновано им било ограничено правото на движење и напуштање на државата да ги пријават своите случаи. Сметаме дека единствено со иницирање на постапки за заштита од дискриминација пред надлежните институции – Комисија за заштита од дискриминација, Народен правобранител и надлежните судови, отвараме простор да  докажеме дека не се работи за изолирани случаи на ограничување на правото на движење, туку за дискриминаторска практика кон ромската етничка заедница, која се применува веќе подолг период. 

ЛИЦЕ ЗА КОНТАКТ • Неда Чаловска, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија • ++389 77 699 411


Мрежата за заштита од дискриминација има за цел да развива стратегиско застапување во случаи на дискриминација преку поднесување предмети пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред домашните и меѓународните судови. Развојот на домашната практика е поттикната преку обезбедување бесплатна правна помош во стратегиски случаи на дискриминација. Мрежата беше воспоставена во декември 2010 од страна а следните организации: Фондација отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА); ХОПС – Опции за здрав живот; Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија (ЕСЕ); Ромска Oрганизација за Mултикултурна Aфирмација РОМА С.О.С. – Прилеп; Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.