Комитет против тортура при ООН | Седница за Република Македонија (продолжение) | 5.5.15 | 15:00 часот
мај 5, 2015
Вчера, 04.05.2015 година, во рамките на својата 54-та седница, Комитетот против тортура при Обединетите нации во Женева го разгледуваше третиот периодичен извештај на Република Македонија. Седницата започна во 10 часот со презентација на извештајот од страна на државната делегација, а потоа членовите на Комитетот против тортура упатија прашања на кои државните претставници треба да одговорат. Свој придонес кон разгледувањето на извештајот остварија група на локални граѓански организации во соработка со Светската организација против тортура, во форма на Извештај во сенка.
Хелсиншкиот комитет, со поддршка на Светската организација против тортура, фондацијата Сигрид Раузинг и Европската комисија, организираше проследување на седницата со директен пренос во живо, која беше отворена за јавноста. На настанот беа поканети невладини организации, медиуми како и претставници на меѓународните организации и тела во Република Македонија.
Во околу еден час и половина од седницата, членовите на Комитетот поставуваа прашања на кои државата треба да даде одговори, објаснувања или детални информации. Најголем дел од прашањата произлегоа од извештајот во сенка доставен од граѓанските организации, при што во повеќе наврати беа цитирани нивните наводи и примери од праксата. Комитетот против тортура ги покрена следните прашања:
1. Дефиницијата на тортура и друг нечовечки третман во кривичниот законик во член 142 и 143, кои елементи ги опфаќа и дали е во согласност со Конвенцијата против тортура
2. Детални статистички показатели и информации за бројот на лица против кои е покрената постапка за дела на тортура, како и лица кои се осудени и каков вид на казна им е изречена, како и дали осудените лица ја отслужиле казната и каде се наоѓаат денес
3. Да се дадат подетални информации околу Законот за амнестија, неговото толкување и имплементација, односно неговата усогласеност со меѓународното право и апсолутната забрана за тортура под било кои услови во контекст на амнестираните случаи на тортура од 2001 година
4. Независноста и ефективноста на Народниот правобранител, со особен осврт на финансиската независност и буџетот на Националниот превентивен механизам
5. Тренинг и обуки на медицинските работници, полицијата и правосудните органи во однос на превенција од тортура, третман на жртвите од тортура и репарации
6. Што се преземало/презема во однос на исклучувањето на докази прибавени преку тортура во судските постапки
7. Кое е објаснувањето за двојно зголемениот број на затвореници и лица во притвор, и покрај тоа што огромен број на средства се вложени во реконструкција на зградата на најголемиот затвор Идризово, како и нечовечките и нехуманите услови во затвор и притворските одделенија.
8. Да се дадат подетални информации за лошите услови и наводите за случај на силување во воспитно- поправниот дом Тетово
9. Да се дадат детални информации за состојбите во центарот за сместување мигранти Гази Баба, во кој има сознанија дека преовладуваат нечовечки услови
10. Ефективноста на мерките за превенција и спречување на семејното насилство и насилство врз жените
11. Политиката и стратегијата за справување со нелегалните мигранти и барателите на азил (измените во Законот за азил), со оглед на тоа дека има зголемување на бројката на двете групи
12. Да се објасни подетално новиот Закон за абортус кој значително ја комплицира процедурата дури и кога здравјето на жената е во прашање
13. Третман и справување со жртвите на трговија со луѓе, со посебен осврт на нивното сместување во центри за згрижување
14. Да се објасни исклучувањето на граѓанските организации и невладиниот сектор при креирање на политики, носење нови закони и консултација при подготвување на извештајот
15. Реформите во кривичната постапка, имплементацијата на новиот Закон за кривична постапка и практичната примена
16. Да се дадат подетални информации за тоа што е преземено за откривање на сторителите на нападите врз ЛГБТИ центарот
Разгледувањето на Република Македонија на 54-тата седница продолжува денес од 15:00 до 16:30 часот во Женева, кога државната делегација треба да одговори на поставените прашања. Сесијата ќе биде од отворен карактер и ќе може да се следи на: