Осми „Марш на толеранција“!
ноември 13, 2016
Во пресрет на Меѓународниот ден на толеранција (16ти ноември), Хелсиншкиот комитет за човекови права, со поддршката на организациите во Платформата против говор на омраза, го организира осмиот Марш на толеранција, кој ќе се одржи на 13ти ноември, 2016 година, недела, со почеток во 12 часот од Музеј на Град Скопје.
Под слоганот „Омразата е слабост“, годинешниот Марш го посветуваме на борбата против говорот на омраза и делата од омраза. Здружени во Платформа против говор на омраза, следниве организации ја дадоа својата поддршка за одржување на Маршот: ЛГБТИ Центар за поддршка, Метаморфозис- фондација за интернет и општество, Младински образовен форум (МОФ), Македонски Институт за медиуми (МИМ), Цивил- Центар за слобода, Пактис Прилеп и Мултикултура (Тетово),
Промовирањето и ширењето на говорот на омраза, како и сторувањето на дела од омраза, се неспоиви со функционирањето на едно демократско општество, во кое неопходно е да се негуваат плурализмот, толеранцијата и отвореноста на умот. За жал, спротивно на демократските вредности, во нашето секојдневие сѐ почесто се соочуваме со говорот на омраза. Наместо да ја искоренуваме оваа разорувачка појава, засилено и жестоко се употребува говор на омраза, по сите основи. Диктиран од општествено- политичките случувања тој ја менува својата форма и облик, но последиците се секогаш исти. Задира длабоко во достоинството на индивидуата или сите претставници на чувствителна група и им ја одзема сета надеж за нивно прифаќање, разбирање и почитување.
Затоа, ве повикуваме да ја дадете вашата поддршка за жртвите на говорот на омраза и делата од омраза и заедно да се бориме за неговото искоренување.
ДАТУМ: 13.11.2016 година
ВРЕМЕ: 12 часот, на пладне
МЕСТО: Музеј на град Скопје
РУТА НА МАРШОТ: Музеј на Град Скопје – Улица Македонија – плато пред Универзитетот на Југоисточна Европа, стара чаршија.
По завршување на Маршот ќе се одржи проекција на видео- кампања против говор на омраза, изработена од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права.