Злоупотреба на учениците за политички цели
март 15, 2017
Хелсиншкиот комитет остро реагира на злоупотребата на учениците од средните училишта за политички цели. Во изминатата недела Хелсиншкиот комитет регистрираше два случаи каде ученици на средни училишта се повикуваат на протест[1], а со цел наводна одбрана на државните и националните интереси.
Особено загрижувачки е последниот случај во средното училиште Мирче Ацев од Прилеп[2], каде директорот на училиштето, надвор од службените овластувања, држи политички говор и ги повикува учениците на протест за наводна одбрана на македонскиот јазик и унитарноста на државата.
Во оваа насока, би сакале да потенцираме дека согласно Законот за средно образование забрането е секакво политичко организирање и дејствување, како и дискриминација по основ на национално потекло и политичко уверување.
Подгревањето на националните страсти од страна на носители на јавни функции, како што се директорите на училиштата, може да доведе до разгорување на национална и етничка нетрпеливост во поголеми размери. Со ваквото незаконско дејствување на директорите, осоновано може да се констатира дека се исполнуваат битијата на кривичните дела Злоупотреба на службената положба и овластување и Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
Поради утврдените пречекорувања на службените овластувања и повредата на Законот за средно образование, Хелсиншкиот комитет ќе поднесе претставки до државниот образовен инспекторат и Народниот правобранител, со цел да утврдат незаконито постапување на страната на директорот на средното училиште Мирче Ацев од Прилеп и да иницираат соодветни постапки за негово санкционирање.
[1] Натпис за наредбата дадена учениците од средното училиште „Јосип Броз Тито„ од Скопје да излезат на протест https://www.radiomof.mk/video-srednoshkolci-naterani-na-bojkot-dodeka-nadvor-gi-chekale-novinari-za-slikanje/
[2] Натпис од Нова ТВ која содржи снимка од говорот на директорот на средното училиште „Мирче Ацев„ од Прилеп, со која политички говор и ги повикува учениците на протест за наводна одбрана на македонскиот јазик и унитарноста на државата https://novatv.mk/direktor-od-prilepska-gimnazija-gi-ubeduva-uchenitsite-da-protestiraat/