Дискриминација на Интернационалниот атлетски маратон Охрид
август 1, 2017
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија реагира на одлуката на Интернационалниот атлетски маратон Охрид наградните фондови за тркачите да бидат приближно двојно повисоки од оние за тркачките. Ова претставува класичен случај на директна дискриминација врз основ на пол и се коси со принципите на спортското натпреварување, односно обезбедување на еднаквост на учесниците.
Бараме од организаторите на маратонот во најбрз можен рок да ги корегираат спорните награди и да обезбедат ист третман за сите учесници, т.е. наградните фондови за најуспешните тркачи и тркачки да бидат идентични без оглед дали тоа би значело општо намалување на наградните фондови. Сметаме дека со оваа постапка организаторите би ја зацврстиле репутацијата на атлетскиот маратон во Охрид кој оваа година се одржува по 31-ви пат и ќе станат пример за сите организатори на спортски натпреварувања со испраќање на порака дека спортистите и спортистките се почитуваат и рангираат според своите заслуги и постигнувања на терените а не според полот или припадност по друга основа.