Граѓанската иницијатива „Излези и ти“ иницира говор на омраза и ксенофобија
август 23, 2017
Хелсиншкиот комитет континуирано ги следи медиумските известувања по однос на граѓанската иницијатива која се спроведува деновиве во неколку градови во земјата и која има за цел да собере потписи против изградба на наводни кампови за бегалците кои транзитираат низ РМ на патот кон западноевропските земји.
Неспорно е дека граѓанските иницијативи мора да бидат дозволени и непопречувани од страна на државните органи, но ниту една граѓанска иницијатива не смее да биде поставена врз дискриминирачка основа кон одредени ранливи групи граѓани, без оглед дали се тие македонски државјани или странци, ниту пак смее да се служи со антигонизирачки и дискриминирачки јазик насочен кон ранливите групи во општеството какви што се бегалците од завојуваните подрачја во Сирија и околните земји.
Од досегашниот развој на настаните, произлегува дека Иницијативата „Излези и ти“ сопственото дејствување го заснова врз шпекулации за наводно брзо преземање на чекори од страна на надлежните државни органи во Република Македонија, вклучително и во однос на наводна изградба на социјално домување за сите бегалци кои минуваат низ територијата на државата. Врз основа на таквите шпекулации, на мислење сме дека оваа граѓанска иницијатива наместо регрутирање на граѓанството во насока на остварување на одредена благородна цел, истата се претвора во нејзина спротивност, односно преку испраќање тенденциозни пораки во јавноста, кои не се доволно базирани и јасно аргументирани, да создава паника и вознемиреност во јавноста, со што на посреден начин се креира лажна, непријателска слика за лицата кои не по своја вина ги изгубиле нивните домови и семејства и на кои им е неопходна помош и поддршка. Наместо тоа, тие се стигматизирани и претставени како безбедносна закана, пренебрегнувајќи го фактот дека станува збор за исклучително ранливи категории лица кои се изложени на низа опасности и ризици на нивниот тежок и неизвесен пат до земјите од Европската Унија.
Впрочем, Хелсиншкиот комитет потсетува дека Република Македонија е транзитна земја на патот на бегалската рута кон западна Европа и дека бегалците немаат интерес ниту намера да останат во Македонија. Според релевантни информации во моментов во земјава има помалку од 50 бегалци, а државата е обврзана на сите нив да им пружи хуман третман при нивното транзитирање на север во согласност со низа меѓународни инструменти, кои се во голема мера преточени и во релевантното домашно законодавство, вклучувајќи ја Директивата за прифаќање и останатите инструменти на Европската унија.
Иницијативата „Излези и ти“ со своите постапки многу лесно може да доведе до разгорување на говорот на омраза, имајќи во предвид дека ваквиот говор врз основа на етничка припадност и статус на бегалец е веќе широко распространет во Македонија. Како што сме посведочиле во минатото, ваквото разгорување на говорот на омраза неизбежно води кон насилство и други кривични дела од омраза кои се исклучително опасни и разорувачки за сите општества, особено за мултиетничко и мултикултурно општество како нашето.
Ова се потврди и денеска кога новинарска екипа на порталот „Нова ТВ“ беше пресретната и физички нападната од лица за кои се претпоставува дека се организатори или тесно поврзани со организаторите на инцијативата додека таа известувала од местото на собирање потписи пред трговскиот центар „Бисер“ во скопската општина Аеродром. Во таа смисла, упатуваме на тоа дека правото на собирање на граѓаните и реализацијата на граѓанските иницијативи од каква било природа во никој случај не смее да се остварува на начин со кој се загрозува остварувањето на слободата на информирање на граѓаните, односно слободата на известување на новинарите и медиумите.
Апелираме до Министерството за внатрешни работи итно да го испита нападот на новинарската екипа, но и блиску да го следи развојот на собирањето потписи низ државата бидејќи сметаме дека тие организирани настани претставуваат безбедносен ризик што кулминираше и во денешниот говор на омраза изразен и вообличен во инцидентот во општина Аеродром. Дополнително посочуваме дека и Владата на РМ со „Планот 369″ за итни реформски приоритети, си зема за обврска да ги расчисти случаите на напади извршени врз новинари.
На крајот уште еднаш посочуваме дека досегашното дејствување на оваа граѓанска иницијатива оди на линија на газење по темелните права и отворена дискриминација кон бегалците, и се повикува на непроверени информации и тенденциозни шпекулации кои немаат допир со реалната фактичка состојба, но кои можат да влијаат особено деструктивно од аспект на разгорувањето на говорот и насилството од омраза.