Апел за исплата на правото на регрес за годишен одмор ( К-15)
декември 24, 2018
Хелсиншкиот комитет апелира доследно да се почитува правото на исплата на К-15
Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира на доследно почитување на правото за регрес на годишен одмор во приватниот сектор кое е законски загарантирано и кое треба да биде исплатено до крајот на годинава.
Од Хелсиншкиот комитет наведуваат дека во изминатите две години регистрирале голем број случаи во кои работодавачите им исплатиле на вработените многу низок износ на К-15 односно од 500 до 1000 денари, а на голем број работнички кои користеле породилно отсуство не им било исплатен К-15, иако тоа им е законски загарантирано.
Хелсиншкиот комитет истакнува дека ќе ја следи ситуацијата особено кај оние работодавачи кои ќе се обидат да исплатат К-15 во мал и незначителен износ поради потешкотии во работењето и ќе бараат од надлежните институции да извршат надзор со цел да проверат дали навистина работодавачот се соочува со финансиски во работењето поради што е принуден да исплаќа К-15 во износ помал од утврдената основица.
Апелираат до работодавачите да ги почитуваат одредбите од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, а од Државниот инспекторат за труд бараат да врши засилен мониторинг во процесот на исплатата на К-15. Ги повикуваат и синдикалните организации будно да ја следат состојбата со исплатата на регресот за годишен одмор, особено во текстилните и кожарските фабрики каде има формирано синдикати, а работниците да продолжат да пријават доколку им се прекршени работничките права.