Прирачник зa Факултативниот протокол кон ЦЕДАВ

октомври 17, 2019

Република Северна Македонија е една од земјите што имаат пристапено кон Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (ЦЕДАВ)1 , како и Факултативниот протокол кон неа, со што се обврза како договорна страна да ги гарантира, заштити и унапреди правата на жените и девојчињата, а особено да превенира, заштити и на крајот да ги елиминира сите форми на дискриминација врз жените и девојчињата на својата територија. Меѓутоа, многу години во практиката оваа обврска на државата не заживеа, а најгласни во прозивањето на државата за нејзините обврски од оваа конвенција како обврзна страна беа граѓанските организации, правните експерти и мал број на правни практичари.

Хелсиншкиот комитет и другите граѓанските организации ја увидоа моќта на овој механизам што им стои на земјите-потписнички на располагање и со помош на донатори и меѓународни експерти почнаа процес на идентификување случаи што би можеле да се поднесат до Комитетот ЦЕДАВ како индивидуални претставки. Процесот предводен од Хелсиншкиот комитет за човекови права се состоеше од спроведување обуки за јакнење на капацитетите на граѓанските организации за користење на овој механизам за заштита на правата на жените и работни состаноци на граѓански организации, каде што обучувачи беа меѓународни правни експерти за Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жени и девојчиња. По обуките, се прејде кон анализа и идентификување на утврдување случај/и што ги исполнуваат условите за допуштеност (admissibility criteria), односно услови за почнување постапка пред Комитетот ЦЕДАВ, подготвување на индивидуална жалба и нејзино поднесува до Комитетот ЦЕДАВ и информирање на граѓанските организации што учествуваа во целиот процес за постапката за поднесување.

Случајот што беше идентификуван како соодветен за застапување пред Комитетот ЦЕДАВ, претходно бил воден пред домашните судови, а бил поддржан со финансиски средства на Здружението за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А. Претставката беше поднесена на 25 мај 2019 година и се очекува резултат и финално мислење од Комитетот ЦЕДАВ.

Како краен производ на гореспоменатиот процес е информативниот прирачник, што е наменет за сите други граѓански организации, правни експерти и правни практичари, стручни лица, со цел да им го олесни процесот на идентификување, планирање, водење случаи на прекршување права и дискриминација врз жени и девојчиња и искористување на механизмите на заштита што се утврдени со Конвенцијата ЦЕДАВ. Би сакале да ја изразиме својата благодарност до Наташа Бошкова, правна експертка, која го водеше процесот на подготвување на претставката и даде свој придонес при изготвувањето на овој прирачник, како и на Милена Кадиева, меѓународен експерт за човекови права, која несебично ни даваше совети и експертиза во целиот процес.