СОСТОЈБАТА СО ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА – МЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА АВГУСТ 2025
септември 23, 2025

Август го одбележаа засилени реакции на граѓанскиот сектор и зголемена политичка и етничка поларизација. На почетокот на месецот, Блупринт групата за реформи во правосудството изрази сериозна загриженост за одлуката на Владата да ја поништи листата на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права и да формира нова комисија, оценувајќи го потегот како нетранспарентно и потенцијално политизирано мешање во стручен процес.
Хелсиншкиот комитет за човекови права остро го осуди ширењето говор на омраза и националистичките скандирања на спортските натпревари во Куманово и Скопје, кои предизвикаа меѓуетнички тензии. Комитетот ја поздрави брзата реакција на ОЈО Куманово, но истовремено упати критика кон високите државни функционери кои присуствувале на настаните без да реагираат, и побара од политичките чинители јасно да се оградат од таквиот говор.
При крајот на август, Блупринт групата објави изјава за поддршка на семејствата поврзани со трагедијата во Кочани, кои наместо поддршка, се соочија со притисоци и недоверба во институциите. Групата апелираше до медиумите да продолжат внимателно и одговорно да ја следат постапката, почитувајќи го достоинството на жртвите.
Во делот на затворените институции и бесплатната правна помош, Хелсиншкиот комитет нотираше позитивни примери на ресоцијализација во ВПД Тетово, но и сериозни пропусти во управните постапки. Беше издвоен случај на „пинг-понг“ со надлежностите меѓу Општина Штип и Управниот суд, поради што барателка на бесплатна правна помош го изгуби својот единствен дом, што укажува на системска негрижа кон социјално ранливите граѓани.


