Хелсиншкиот комитет ги објави податоците за дискриминација за 2018 година
август 22, 2019
Хелсиншкиот комитет го објави годишниот информатор за дискриминација за 2018 година. Според добиените податоци, како најчести основи за кои граѓаните сметаат дека биле дискриминирани се: пол и род, сексуална ориентација, етничка припадност, попреченост и религија. Најчести области во кои граѓаните сметаат дека биле дискриминирани се: работните односи, пристапот до добра и услуги, здравство и образование.
Хелсиншкиот комитет за човекови права во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје го спроведува проектот „Унапредување на човековите права“. Една од активностите во рамките на овој проект е подготовка на годишен информатор за дискриминација за 2018 година, кој ги претставува збирните податоци добиени од здруженијата на граѓани за регистрираните случаи на нееднаков третман, информациите од јавен карактер добиени од првостепените судови за бројот на судски постапки во делот на заштита од дискриминација, како и обработка на податоците од годишните извештаи за 2018 година на Комисијата за заштита од дискриминација и народниот правобранител во однос на регистрираните случаи, поведените постапки и донесените мислења за заштита од дискриминација.