Кој и како (ќе) ги организира синдикатите?
септември 11, 2019
Вилдан Дрпљанин
Суштинското синдикално организирање е во постојан пад, а за многу од работниците дури и слободниот викенд, како една од основните историски придобивки, е недостижна желба.
„Најдостојно средство за изразување на сопствената личност“, со оваа формулација Република Белорусија го гарантира правото на работа во членот 41 од својот Устав. Слично со законодавствата на повеќето држави, формулацијата ја нагласува тесната поврзаност помеѓу човековото достоинство и слободниот избор на вработување, соодветните услови за работа и безбедноста во случаи на невработеност. Покрај тоа, речиси и да е невозможно да се изведе една сеопфатна дефиниција за тоа што навистина значат овие декларативни залагања за различни држави. Долгогодишните идеолошки дебати, водени од државите кои правото на работа го врзувале исклучиво со социјалистичка организација на економијата (пр. член 118 од Уставот на СССР од 1936 година) од една и државите кои заземале либерално сфаќање (пр. член 4 од Уставот на Италија од 1948 година) од друга страна, биле, делумно и сè уште се, извор на поинакви сфаќања. Сепак, одредени заеднички елементи ги обединуваат концептите и се придружен дел на правото на работа, без разлика дали одредбите имаат индвидуалистички пристап (пр. член 27 од Уставот на Јапонија), ја обврзуваат државата (пр. член 41 од Уставот на Индија) или правото експлицитно го сметаат за чест или нешто повисоко (пр. член 29 од Уставот на Јемен). Еден таков елемент, за кој во различни форми и модалитети постои речиси консензус, е колективното договарање.
Значењето на колективното договарање како предуслов за синдикално организирање
Во согласност со дефиницијата на Меѓународната организација на трудот (МОТ), колективно договарање, се всушност, преговорите што се водат помеѓу еден или повеќе работодавачи (или организации на работодавачи), од една страна, и една или повеќе организации на работници (синдикати или групи), од друга страна. Услов е само преговорите да се однесуваат на: работните услови и условите за вработување; односите помеѓу работодавачите и работниците и/или регулирањето на односите помеѓу организациите на работодавачите и организациите на работниците (Член 2 од Конвенцијата на МОТ бр. 154). Со оглед на ширината на трите категории, слободно може да се каже дека било каков вид формална или неформална дискусија, која помага во градењето доверба и заемна почит помеѓу страните и го зголемува квалитетот на работните односи, влегува под чадорот на колективното договарање. Како такво, колективното договарање се смета за клучна и неопходна алатка за формулирање соодветни политики за вработување и работа. Токму затоа, МОТ и Комитетот за економски, социјални и културни права (КЕСКП) постојано ја потенцираат важноста на синдикатите за договарањето и заштитата на работничките права.
Имајќи предвид дека целта на колективното договарање е да се склучи колективен договор, битно е да се напомене дека нашето трудово законодавство го следи правното начело infavorem laboratoris (член 12(3) од Законот за работните односи). Во согласност со ова правно начело, со колективните договори и договорите за вработување можат да се утврдат само права кои се поповолни за работниците во однос на правата уредени со закон. Меѓу другото, колективните договори можат да регулираат плати, работно време, одмори, годишен бонус, родителски отсуства, безбедност и здравје при работа, простории и опрема за синдикалните претставници, како и постапки за решавање спорови и консултација, соработка и споделување информации. Со оглед на тоа што колективните договори очигледно регулираат многу значајни области, неопходно е накратко да се разгледа тој аспект на социјалниот дијалог во нашата држава.
Во Република Северна Македонија постојат два општи колективни договори, еден во јавниот и еден во приватниот сектор од областа на стопанството, како и 17 посебни, односно грански колективни договори. Што се однесува до гранските колективни договори, 11 се склучени во приватниот сектор од областа на стопанството, додека 6 се во јавниот сектор. Со колективното договарање на ниво на гранка вкупно се опфатени 141 223 вработени, што значи дека стапката на колективното договарање на ниво на гранка изнесува околу 24,61 отсто, што е под просекот од 32,2 отсто на земјите од ОЕЦД. Ова се должи пред сè на синдикалната поставеност и структурата на деловните субјекти во државата, во која удел од 97,7 отсто имаат микро и малите, а само 2,3 отсто средните и големите претпријатија. Стапката, пак, на синдикално организирање во Република Северна Македонија изнесува 21,6 отсто, што е речиси во рамките на глобалниот просек од 23,81 отсто, но значително под просекот на Европската унија од 29,76 отсто. Сепак, стапката на синдикално организирање не може целосно да ја долови суштинската состојба со синдикатите во државата, затоа што за тоа е потребна и анализа на законската поставеност на работничкото организирање.
Правниот субјективитет на синдикатите во Република Северна Македонија – извор на проблеми, наместо решенија
Слободата на здружување како основно човеково право е загарантирана со Уставот на Република Северна Македонија. Законот за работните односи (ЗРО), слободата на здружување, во форма на синдикат, ја изведува од Уставот и ја врзува со работниот однос. Според ЗРО, работниците имаат право по свој слободен избор да основаат синдикат и во него да членуваат под условите пропишани со статутот или правилата на синдикатот. Истиот закон, синдикатот го дефинира како самостојна, демократска и независна организација на работниците во која се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси. Синдикатите можат да се основаат без какво било претходно одобрување. Членството во синдикатот е доброволно преку слободното одлучување на работникот за стапување или истапување од синдикатот (член 185(1) од ЗРО).
Во согласност со Уставот, ЗРО предвидува дека синдикатите имаат право да основаат свои сојузи или други облици на здружување во кои нивните интереси се поврзуваат на повисоко ниво, со што го утврдува поимот синдикат на повисоко ниво (член 187(1) од ЗРО). Во поглед на нивното основање и регистрација, во ЗРО е уредено дека само синдикатот на повисоко ниво стекнува својство на правно лице со денот на упис во Централниот регистар на Република Северна Македонија, по претходен упис во регистарот на синдикатите кој се води во МТСП (член 189(1)(2) од ЗРО). Преку ваквото уредување на правниот субјективитет на синдикатот како основна форма на организирање на работниците, се доведува во прашање автономијата и независноста на другите синдикати, имајќи предвид дека само синдикатот на повисоко ниво се стекнува со својство на правно лице.
Ова значи дека синдикатите се практично условени да се здружуваат и со тоа да се стекнат со својство на правно лице преку повисокиот облик на синдикат или пак, тие мораат да се приклучуваат кон веќе постоечки синдикати на повисоко ниво за да можат непречено да ја извршуваат својата основна функција. Следствено на тоа, синдикатите од понизок степен не можат да располагаат со сопствена трансакциска сметка и печат и да настапуваат во правниот промет како правно лице. Ова е од посебно значење и при остварувањето на судската заштита на правото на здружување на синдикатите, од причини што синдикатот во ситуација на немање правен субјективитет е спречен директно како правно лице да поднесе тужба до надлежниот суд. Активната легитимација за поднесување тужба во ваквиот случај преоѓа на синдикатот на повисоко ниво, во чии рамки е здружен синдикатот.
Ваквата поставеност на синдикалното здружување содржи сериозни ризици од монополизирање на организирањето и ги оддалечува работниците од нивните матични синдикати. Досега, законското решение во пракса резултираше со невидливост на синдикатите без правен субјективитет и со многубројни проблеми за синдикатите на повисоко ниво во поглед на консултирање и ангажирање на членството. Во моменти кога изработката на новиот ЗРО, вклучително и одредбите за уредување на слободата на здружувањето во работните односи и рамката под која се одвива процесот на колективното договарање и штрајкот, се интензивира, од неизмерна важност е да ги запрашаме синдикатите кои нè застапуваат што преземаат за наведеното прашање. Промената на правниот субјективитет на синдикатите може да донесе потенцијални нови проблеми и слабости, но во секој случај синдикатите имаат должност во најбрз можен рок да отворат дебата по ова прашање и постојано да го информираат и да се консултираат со поширокото членство за предложените промени. Особено затоа што суштинското синдикално организирање е во постојан пад, а за многу од работниците дури и слободниот викенд, како една од основните историски придобивки, е недостижна желба.