Месечен извештај – ноември 2015
декември 14, 2015
Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за септември 2015 година ги опфаќа темите: Специјалното јавно обвинителство конечно започна со работа; Управните судови над Европскиот суд за човекови права; Прекршено правото на судење во разумен рок; Случај Крива Паланка; Нападите врз децата Роми мора да бидат истражени и санкционирани.
Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк.
СПЕЦИЈАЛНОТО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО КОНЕЧНО ЗАПОЧНА СО РАБОТА
Во текот на месец ноември, специјалното јавно обвинителство достави барање за доставување на оформени предмети поврзани со преслушувањето до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и од Основните јавни обвинителства во Скопје, Битола и Куманово. Бараните предмети беа доставени од сите обвинителства, освен од Основното јавно обвинителство Куманово, за кое се уште нема потврдена информација кога го добило барањето и дали постапува надвор од законскиот рок од 8 дена за предавање на предметот.
Од добиените предмети, специјалното јавно обвинителство утврди стварна надлежност единствено за предметите поврзани со изборните нерегуларности, кои се наоѓаат во предистражна постапка. За предметот Пуч, кој беше доставен до специјалното јавно обвинителство без соодветно барање, се уште нема одлука дали ова обвинителство има стварна надлежност да го води овој предмет. Земајќи предвид дека ова е единствениот предмет каде има притворени лица, и тоа повеќе од 10 месеци, сметаме дека специјалното јавно обвинителство треба во најбрз рок да донесе одлука за стварната надлежност во овој случај.
Позитивна е околноста што беа избрани 12 јавни обвинители за да бидат дел од тимот на специјалното јавно обвинителство, но тие се уште немаат тим од истражители и стручни соработници, ниту административна служба, кои се предвидени во член 2 став 3 од Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Ова допринесува за досегашната неефикасност на специлајното јавно обвинителство.
Препорака:
Специјалното јавно обвинителство во најбрзо време да донесе одлука за преземање на предметот познат во јавноста како „Пуч”.
Во најскоро време да биде донесен закон за јавнообвинителска служба и да бидат избрани истражители, стручни соработници и административна служба.
УПРАВНИТЕ СУДОВИ НАД ЕВРОПСКИОТ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА
Хелсиншкиот комитет ја проследи судската постапка за експропријација на имот на семејството Арсовски во Кратово која пред домашните и Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) трае од 2002 година. Семејниот имот бил експроприран по предлог на приватна компанија која добила дозвола за вадење на вода која се наоѓа под имотот. Можноста приватни компании да предлагаат експропријација на приватен имот кој е од јавен интерес, во 2009 година, од страна на Уставниот суд (У.бр.200/2007) беше оценета како спротивна на Уставот на РМ поради можноста одредена недвижност да биде одземена во корист на економски моќните корисници, а интересот на носителот на правото на сопственост да биде миноризиран, на кој начин се доведува во прашање загарантираното со Устав право на сопственост.“
Откако во 2005 година постапката за експропријација пред домашните судови завршила со одземање на имотот од страна на државата во корист на приватна компанија, семејството Арсовски било обесштетено со 880 евра, без притоа да се земе предвид дека приватната компанија ќе остварува профит од експлоацијата на водата. Незадоволни од ваквите одлуки на домашните судови, семејството Арсовски во 2006 година испратило жалба до ЕСЧП.
Во 2013 година, ЕСЧП ја донел Пресудата бр. 30206/06 (Арсовски против Македонија) со која утврдил дека државата го повредила правото на сопственост, гарантирано со Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП). Дополнително, ЕСЧП на жалителите им доделил 9.000 евра кои државата им ги исплатила за нематеријални трошоци, а во врска со материјалните трошоци постапката е запрена, но не и завршена во очекување дека Пресудата ќе биде искористена за повторување на постапката пред домашните судови за евентуално враќање на имотот или правична експропријација.
По добивањето на пресудата во 2013 година семејството Арсовски побарало повторување на постапката пред надлежниот Управен суд кој барањето го уважил, а претходното правосилно решение за експропријација го поништил (У-2 бр. 494/13). Во текот на 2014 година во постапката како заинтересирано лице се вклучила компанијата Силекс АД од Кратово која вложила жалба пред Вишиот управен суд кој жалбата ја уважил и му наложил на Управниот суд одново да одлучува по барањето за повторување на постапката (Уж-1 бр. 297/14). Вишиот управен суд, меѓу другото, навел дека „За овој суд е неспорно дека по донесената одлука на ЕСЧП судот до кој е поднесено барање за измена на одлуката, е должен да постапува по тоа барање, но во зависност од причините поради кои се бара повторување на постапката ќе одлучи дали ќе дозволи повторување.“
По повторното одлучување за повторувањето на постапката пред Управниот суд во 2014 година, судот донел Решение со кое барањето на семејството Арсовски во дел го прогласил за ненавремено, а во друг дел недозволено (У-2 бр. 1278/14). Според Управниот суд , а согласно член 47 став 2 од Законот за управните спорови, во конкретниот случај не може да се бара повторување на постапката поради тоа што изминале 5 години од правосилноста на одлуката со која е спроведена експропријацијата во 2005 година. Решението на Управниот суд беше потврдено со Решение на Вишиот управен суд во 2015 година (У-1 бр. 199/2015).
Хелсиншкиот комитет изразува загриженост поради ваквото одлучување на Управниот и Вишиот управен суд. Имено и покрај тоа што е точно дека повторувањето на управна постапка според Законот за управните спорови е можно во рок од 5 години од правосилноста на оспорениот правен акт, управните судови превиделе дека согласно Член 118 од Уставот на РМ меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон. Ова во пракса значи дека правната сила на ЕКЧП е над правната сила на домашните закони, односно дека во ситуација кога постои конфликт помеѓу домашното и меѓународното право, државните органи мора да се држат до одредбите на меѓународното право.
Препорака:
Одредбите што се однесуваат на застарувањето утврдено преку одредбите од законите за кривичната и парничната постапка и Законот за управните спорови треба да бидат изменети на начин што роковите за почеток на застареност треба да течат од правосилноста на пресуда на ЕСЧП, а не од правосилноста на конечниот акт пред домашните судови.
ПРЕКРШЕНО ПРАВОТО НА СУДЕЊЕ ВО РАЗУМЕН РОК
Хелсиншкиот комитет повторно утврди повреда на правото на судење во разумен рок во судски спор за поништување на решение за отказ. Во конкретниот случај се работи за лице кое во својство на тужител 3,5 години водело судска постапка за поништување на решение за отказ дадено од казнено поправната установа во кое работело. Во временскиот период од 3,5 години Oсновниот суд Скопје 2 Скопје еднаш го поништил спорното решение за отказ, но поради тоа што оваа пресуда била укината од страна на Апелациониот суд Скопје, била донесена негативна пресуда за тужителот, која потоа била потврдена од второстепениот суд.
За да ја донесе првата пресуда на првостепениот суд му требало 1 година и 7 месеци, со што постапил спротивно на член 405 став 4 од Законот за парнична постапка кој утврдува дека постапките од работен однос пред првостепениот суд мора да завршат најдоцна во рок од 6 месеци од поднесување на тужбата.
Второстепениот суд, пак, постапувал по жалбата на тужителот повеќе од 1 година и 2 месеци, што е спротивно на член 405 став 5 од Законот за парнична постапка кој утврдува дека постапките од работен однос пред второстепениот суд мора да завршат најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на жалбата, односно во рок од 2 месеци доколку пред второстепениот суд се одржи расправа. Во конкретниот случај не била одржана јавна расправа, од што произлегува дека второстепениот суд го надминал рокот за донесување на одлука за 1 година и 1 месец.
Поради очигледната повреда на правото на судење во разумен рок, тужителот поднесе барање за заштита на ова право до Врховниот суд на Република Македонија, повикувајќи се на националното законодавство, но и на одредбите од Европската конвенција за човекови права и праксата на Европскиот суд за човекови права. Во член 6 од Европската конвенција за човековите права е наведено дека „Секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски.„ Постапувајќи согласно Конвенцијата, Европскиот суд за човекови права во голем број на одлуки утврдил повреда на правото на судење во разумен рок, потенцирајќи ja важноста на спроведување на правдата без одложувања кои може да ја загрозат нејзината ефикасност и кредибилитет.
Препорака:
Хелсиншкиот комитет многупати досега потсетувал на важноста од ефикасност на судските постапки, како на кривичните и граѓанските, така и на управните, препорачувајќи да се почитува правото на судење во разумен рок, со цел граѓаните да можат навремено да ги остварат своите права.
СЛУЧАЈ КРИВА ПАЛАНКА
Во почетокот на месец ноември, на социјалната мрежа Фејсбук беше забележано споделувањето наплакат со кој се повикува на „Протест против исламизација на Крива Паланка“. На самиот плакат, покрај текстот кој повикува кога и каде да се одржи протестот, на дното сепоставени пет слики на исламски верски објекти, џамии, кои беа пречкртани. На плакатот и претходела иницијатива на граѓаните за собирање на потписи против изградба на џамија во Крива Паланка. Иницијативата пак, произлегла како последица на изградбата на православна црква во центарот на градот и дискриминаторски говор на градоначалникот, кој вели дека додека тој е на функција, ќе се градат само православни верски објекти. На најавениот протест присуствуваа околу 1200 луѓе. Претставници на Хелсиншкиот комитет го набљудуваа протестот, кој се одржал во релативно мирна атмосфера, со исклучок на скандирања кои содржеле говор на омраза, но биле навремено спречени и контролирани од организаторите. Меѓутоа, подоцна во ноќта, група на непознати лица го демолирале прилагодениот објект за молитви на муслиманската заедница во Крива Паланка. Настанот бил регистриран од страна на полицијата и биле преземени истражни мерки за расчистување*.
Платформата против говор на омраза, од која е дел и Хелсиншкиот комитет, објави реакција со која најстрого го осуди говорот на омраза кој се употребува во плакатот, кој што поттикнува и шири омраза и нетрпеливост врз верска основа**.
Напоменуваме дека во согласност со Уставот на Република Македонија, граѓаните се еднакви во слободите и во правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Истовремено, во член 19 од Уставот се гарантира слободата на вероисповеста, како и слободата на практикување верски и религиски обичаи на сите верски заедници во Република Македонија. Дополнително, предизвикувањето и ширењето омраза, раздор или нетрпеливост врз верска основа претставува кривично дело предвидено во член 319 од Кривичниот законик на Република Македонија.
За ширењето на плакатот кој содржи говор на омраза, Хелсиншкиот комитет поднесе пријава до Министерството за внатрешни работи – Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, барајќи настанот да биде истражен, да се спречи понатамошното ширење на говорот на омраза преку социјалната мрежа Фејсбук и негово ескалирање во дела од омраза.Демолирањето на импровизираниот објект за молитви на муслиманската заедница во Крива Паланка, Хелсиншкиот комитет го регистрира како дело од омраза***. По изјаснувањето на Министерството за внатрешни работи дека полицијата извршила увид и го истражува настанот, Хелсиншкиот комитет очекува дека надлежните институции ќе ги пронајдат сторителите и тие ќе бидат соодветно казнети, за што се обрати со барање за информации до МВР за исходот од истрагата.
Препорака:
Хелсиншкиот комитет опоменува дека неопходно е да се преземат соодветни мерки од страна на надлежните органи за спречување на говорот на омраза и делата од омраза; активно да се следат пријавените случаи на говор на омраза и да се спречи нивно ескалирање во дела од омраза; да се пронајдат сторителите на делото од омраза со брза и ефективна истрага и да бидат изведени пред суд и соодветно казнети за стореното дело.
НАПАДИТЕ ВРЗ ДЕЦАТА РОМИ МОРА ДА БИДАТ ИСТРАЖЕНИ И САНКЦИОНИРАНИ
Хелсиншкиот комитет и членките на Мрежата за заштита од дискриминација во изминатиот период добија зголемен број на пријави за напади врз деца од ромската етничка заедница од страна нa сопственици или вработени во угостителски објекти. Последниот настан се случил кај пекарата СИЛБО, во центарот на градот Скопје. Имено, според очевидци, детето било малтретирано и удирано, наводно поради тоа што барало пари од луѓето кои купувале во пекарата. Очевидец го пријавил настанот во полиција, која дошла за многу кратко време пред пекарата и земала изјави од лицата кои наводно го сториле делото и од очевидецот кој го пријавил настанот.
Сметаме дека со ваквите дејствија лицата извршиле кривично дело, поради тоа што во група го малтретирале, телесно го повредиле и ја загрозиле сигурноста на детето. Ако се земе во предвид дека делото е извршено на јавен простор – пред угостителски објект во центарот на градот Скопје и пред поголем број на други лица, гости во објектот, може да се констатира дека сторителите со овие дејствија предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај останатите присутни.
Со оглед на тоа што жртва на кривичното дело е дете од ромска етничка припадност, кое припаѓа на маргинализирана заедница, а дејствијата на сторителите со кои се повредуваат правата на жртвите се насочени кон цела група на деца од ромска етничка припадност како една целина, со своето постапување сторителите извршиле дискриминација врз основа на етничка припадност и припадност на маргинализирана заедница.
Препораки:
Поради тоа што ова не е прв пријавен случај, сметаме дека Министерството за внатрешни работи и јавното обвинителство треба да работат на итно расветлување на случаите и преземање на соодветни дејствија за покренување на кривичен прогон против осомничените, а со цел нивно казнување и превенирање на идни напади врз децата Роми.
При постапувањето од страна на надлежните институции бараме особено да се земе предвид Конвенцијата за правата на детето во која е наведено дека државните органи мора да ги превземат сите соодветни мерки заради заштита на детето од сите форми на физичко и ментално насилство како и повреди и малтретирање, како и праксата на Европскиот суд за човекови права, особено случајот Bekos and Koutropoulos v.Greece каде е утврдено дека за прекршување на забраната на дискриминација ќе се смета и неможноста или неспособноста на државните органи да истражат дали во определен случај постојат расистички мотив, односно расна дискриминација.