Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 14.03.2016 – 20.03.2016 година

март 23, 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 14.03.2016 – 20.03.2016 година и може да се преземе на следниов линк.  

Гевгелија

Просторни капацитети и услови

Во текот на оваа седмица, не е издадена ниту една потврда за искажана намера за барање азил. Ваквата појава се должи на затворањето на границите после самитот на земјите на Европската унија и Турција. На продолжението на самитот на 17.03.2016 година, беше потврдена одлуката дека Турција и Грција ќе бидат првите држави за справување со бегалската криза.

На 19.03.2016 во кампот оствари посета делегација на Ватикан, на чело со државниот секретар, кардинал Пјетро Паролин.

Институционално постапување

На 14.03.2016 утрината, група на бегалци од Авганистан и Иран кои преминувале преку Сува река, биле затекнати од надојдената река. Откако побарале помош, македонската полиција интервенирала за да ги извлечи од реката. Поголем дел од групата (околу 20 бегалци) беа извлечени и згрижени во приемниот шатор во кампот, меѓутоа три лица го загубија својот живот, од кои две жени (едната бремена) и еден маж. Телата беа идентификувани од малолетно дете кое било член на семејството. Околу четири лица беа пренесени во болница, каде што им била укажана медицинска помош, а подоцна се вратени во кампот. Два дена подоцна, поголем дел од групата е депортирана на грчката страна, освен едно семејство чиј член бил хоспитализиран. Симптоматично е што неколку лица од групата, се изјасниле дека сакаат да побараат азил во Република Македонија, но нивното барање било игнорирано и не им било овозможено. Подоцна тие биле депортирани во Грција, заедно со останатите кои изразиле таква желба.

Хелсиншкиот комитет опоменува дека игнорирањето на барањата за право на азил претставува кршење на правата на бегалците. Строго ги повикуваме надлежните институции, на секое лице кое сака да побара азил во земјата, тоа да му биде овозможено во најитна постапка и без никакво попречување и одложување. 

На 14.03.2016 попладнето, околу 1000 бегалци од грчката страна нелегално ја поминале државната граница кај село Моин, Гевгелија, поради катастрофалните услови во кои престојуваат во Идомени. Тие биле придружени од грчки полициски служби, странски репортери и активисти од кампот во Идомени. По брза интервенција на македонските безбедносни сили, беа спречени да се движат понатаму и веднаш беше организирано нивно пренесување назад на грчка територија кое траело се до наредниот ден.

Куманово

Просторни капацитети и услови

Бројката на бегалци во Табановце (од претходната седмица, 1000 во кампот и 430 луѓе во меѓу-просторот), секојдневно се намалува, поради разотидување на групите надвор од кампот, во непознати правци. Моментално бројката изнесува околу 1350.

На бегалците им е дозволено да се движат во околината на кампот и околните села. Дополнително, се организира транспорт до Куманово од страна на организациите и институциите во кампот, ако има потреба од подигнување на парични средства.

Условите во кои бегалците престојуваат се лоши и нехигиенски. Секојдневно се појавуваат случаи на вируси, заразни болести и вошки.

Бегалците кои беа сместени во кујната, се преместени во ново-поставени шатори во кампот, со цел кујната да се пушти во употреба.

На 17.03.2016 година, во кампот оствари посета Министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски.

Институционално постапување

Зголемена нервоза и агресивност се забележува кај бегалците во кампот. Тие често консумираат алкохол кој го набавуваат од околните села или селани.

На 18.03.2016 е пријавено исчезнато лице, девојка со ментална попреченост. Родителите пријавија кај полицијата дека девојката од меѓу-просторот дошла во кампот, меѓутоа никогаш не се вратила.

На 19.03.2016 пак, мајка со три деца пријави кај полицијата дека нејзиниот сопруг физички ги малтретирал, нејзе и децата. Полицијата го повика на разговор и го предупреди.

Со редовната линија на возот, во 5 часот наутро, група од 9 луѓе од кампот беа транспортирани во кампот во Гевгелија, по нивна желба.


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.