Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 11.04.2016 – 17.04.2016 година

април 19, 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 11.04.2016 – 17.04.2016 година.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови

Бројот на бегалци во кампот, на почетокот на седмицата изнесуваше 135, а до крајот на неделата се намали на 127.

На 13.04.2016 година во кампот посета остварија Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, Претседателката на Република Хрватска, Колинда Китаровиќ и словенечкиот Претседател, Борут Пахор. Тие се задржаа во кампот, но не се упатија кон каменот 59, со оглед на полициската реакција на обидите на бегалците од Идомени да ја преминат оградата.

Во кампот е поставено импровизирано кино, односно просторот каде што порано се делеа топли пијалаци е соодветно прилагоден и преку проектор се пуштаат филмови. Ова е позитивен пример за анимација на бегалците во кампот.

Од страна на невладината организација Ла Страда се одржуваат неформални часови по англиски јазик за бегалците во кампот, за мажи и жени во вечерните часови. Часовите ги одржуваат вработените на Ла Страда. Се поздравува ваквата активност, која значително придонесува во исполнување на времето на бегалците и нивно едуцирање.

Според кажувањата на некои од бегалците, во одредени куќарки во кампот се појавиле стаорци, поради што некои семејства биле принудени да преноќат на отворено.

Институционално постапување

Околу 50тина бегалци беа затекнати од страна на полицијата, по текот (коритото) на Сува река на 12.04.2016 година. Тие беа спроведени до полициска станица во Гевгелија. Останува непознато како се постапило со нив понатаму, но тие не беа донесени во кампот. Ваков случај се повтори неколку пати во текот на седмицата. Бегалците кои се затекнати по илегални патишта, најверојатно се депортираат на грчка територија.

На 13.04.2016 година, група од околу 200 бегалци од кампот во Идомени, Грција, се обидоа да ја преминат жичената ограда кон македонска територија, непосредно кај каменот 59. Во обид  да ја исечат оградата, тие беа спречени од страна на македонската полиција, која со употреба на шок бомби и солзавец ја разби групата.

Регистриран е случај на семејно насилство помеѓу бегалците. Имено, маж со потекло од Сирија, ја удри својата сопруга со шамар, бидејќи таа не сакаше да ги послуша неговите наредби. Во случајот интервенираа активисти, преведувачи и претставници на Црвен Крст.

Хелсиншкиот комитет апелира до претставниците на Министерството за труд и социјална политика, да ги регистрираат случаите на семејно насилство и да интервенираат кога има потреба, со цел да се спречи семејното или родово базираното насилство во кампот.

Поплаки се појавија кај бегалците во однос на непридружување од страна на преведувач при лекување во болница. Бегалците кои што се носат на лекар до градската болница, неопходно е да бидат придружувани од преведувач, со што ќе имаат можност да бидат целосно известени од страна на лекар за дијагноза или третман кој им се дава.

Продолжуваат поплаките околу квалитетот и квантитетот на храна која се дели во кампот. Бегалците се жалат на храна со лош квалитет и во недоволни количини.

Во неколку наврати бегалците изразија незадоволство од недостаток на облека. Тие во најголем дел поседуваат зимски алишта, но со покачените температури им е неопходна летна облека.

Куманово 

Просторни капацитети и услови

На почетокот на седмицата (12.04.2016), во кампот имаше 940 бегалци. До крајот на седмицата оваа бројка опадна на 787 бегалци (16.04.2016), кои по потекло се од Сирија, Авганистан, Ирак, Иран и Пакистан.

Во кампот се работи на подобрување на хигиенските услови околу кујната, со тоа што се поставуваат бекатонски плочки во нејзината околина.

Бегалците кои се сместени во шатори во близина на септичка јама, се во лоша хигиенска состојба.

Ситуацијата со исхраната е подобрена и бегалците се позадоволни. Меѓутоа, целокупните лоши услови во кампот имаат сериозно влијание врз психичкото здравје на бегалците во кампот.

Институционално постапување

Ситуацијата во кампот е релативно мирна, со повремени недоразбирања меѓу бегалците, при што во неколку случаи интервенира полицијата.

Невладината организација Ла Страда организира активности за деца во текот на целиот ден, а во вечерните часови се одржуваат часови по англиски јазик за бегалците.


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.