Реакција: Да не дозволиме една заробена држава да се замени со друга!
јули 10, 2019
Со мотото ‘Да не дозволиме една заробена држава да се замени со друга’ Платформата на граѓанските организации за борба против корупцијата (Платформата) го подготви ова укажување во кое се опфатени неколку ситуации, а за кои постои потреба од јавна реакција.
Прво и суштински, Платформата укажува на тоа дека концентрацијата на функции во позицијата претседател на Владата на Република Северна Македонија и г.Зоран Заев, како носител на таа функција, и привременото извршување, односно раководење со Министерството за финансии, е спротивно на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (Законот). И покрај привременото вршење на втората функција, сметаме дека обврска на институциите е да се почитува Законот, кој особено ги уредува прашањата каде што одговорноста, а со тоа и авторитетот, не смеат да бидат сконцентрирани во еден центар на моќ, туку преку контрола и баланс, одговорноста треба да се подели меѓу повеќе фактори кои заемно ќе се контролираат. Поделбата на власта е еден од столбовите на Уставот на Република Северна Македонија, а неговото почитување и почитувањето на законите се основни принципи на доброто управување во либералните демократии.
Истовремено, укажуваме на тоа дека секое поместување на рамнотежата меѓу политичкото и институционалното раководење, може да претставува сериозна пречка за ефикасна борба против корупцијата и организираниот криминал. Така, ситуацијата од скорешното минато, кога (сега поранешен) висок партиски функционер од партијата на власт стана дел од управувачкиот орган во банка што е во косопственост на лица под обвинение од Специјалното јавно обвинителство, може да предизвика и судир на интереси. Ова се однесува и на назначувањето на член на партијата на власт за Директор на Агенцијата за национална безбедност спротивно на член 10 (параграф 1, точка 7). Реформата на безбедносните служби е стожерот на процесот на ослободување на државата и институциите од политичкиот интерес.
Според согледувањата на граѓанското општество, ваквите политички и институционални спреги ја попречуваат борбата со високата корупција и дополнително го оневозможуваат носењето рационални антикорупциски политики засновани на анализи, кои се основна претпоставка за долгорочно и одржливо добро управување. Клучни закони, како што е предлогот за Закон за јавното обвинителство, се заробени во преговарање од позиција на тесни партиски и лични интереси, без да се земе предвид заедничкиот јавен интерес.
Во исто време, граѓанското општество забележува и недостиг на постапување по наодите на повеќе институции, меѓу кои и наодите на Државната комисија за спречување на корупцијата, а во јавноста се јавуваат и примери на притисоци врз вработените во институциите, кои откриваат повреда на законите, како што е случајот со инспекцискиот наод во високото образование. Платформата повикува на почитување на институциите и на заштита на секоја индивидуа која спроведува постапка за откривање неправилност во работата на институциите, особено кога истата се случува поради лична корист на поединци од власта и лица поврзани со нив.
Во оваа смисла, Платформата потсетува дека недостигот на имплементација на правото е клучниот проблем во борбата против корупцијата, забележан во повеќе извештаи на домашните и меѓународните организации. Надзорот врз институциите е хиерархиски, а одговорноста за непостапувањето на некоја институција се префрла кај оние задолжени за контрола врз истата.
Ги потсетуваме Собранието, Владата, Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, градоначалниците и советите на локалните самоуправи дека покрај нивната лична одговорност, тие се одговорни и за функционирањето на институциите што се под нивен надзор. За успешна борба против корупцијата треба да се испрати јасна порака до сите фактори под нивна контрола дека борбата ќе биде бескомпромисна, а по наодите за незаконитост соодветно ќе се постапува.
Со почит,
Платформа на граѓански организации за борба против корупција