Работилница во ВПД Тетово: Поддршка на ресоцијализацијата на децата преку едукација, музика и грижа
декември 25, 2025

Хелсиншкиот комитет за човекови права одржа работилница со децата во Воспитно–поправниот дом Тетово, во рамки на проектот „Зајакнување на човековите права и услуги за децата и ранливите лица во ризик во затворени институции“, финансиран од Европската Унија.
Работилницата беше конципирана во два дела, со цел да се создаде безбедна и поддржувачка средина што придонесува кон ресоцијализација, рехабилитација и емоционална благосостојба на децата.
Во првиот дел, децата учествуваа во интерактивна сесија со едукатор и аниматор со животни Војо Иванов кој одржа кратко, но инспиративно предавање за одговорниот однос кон животните, нивните потреби и значењето на грижата и емпатијата. Преку директен контакт и практични примери, децата имаа можност да развијат чувство на одговорност, почит и поврзаност – вредности кои се клучни во процесот на личен развој и ресоцијализација.
Вториот дел беше посветен на музичка работилница со Лука Ѓориевски, каде децата активно учествуваа преку свирење и пеење. Музиката беше алатка за изразување, зајакнување на самодовербата и градење на заедништво, овозможувајќи им на децата да се почувствуваат видени, слушнати и прифатени.
Како симбол на поддршка, на крајот од работилницата на децата им беа доделени новогодишни пакетчиња, со порака дека нивната иднина не е однапред одредена и дека секое дете заслужува шанса, грижа и поддршка.
Со вакви активности, Хелсиншкиот комитет продолжува да се залага за пристап заснован на човекови права, кој ги става децата во фокусот и ја препознава потребата од достоинствени, хумани и поддржувачки програми во затворените институции.







