Блупринт групата за реформи во правосудството ја известува јавноста дека ќе ја следи судската постапка поврзана со трагичниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади луѓе, а над 200 лица беа повредени. Почетокот на главната расправа Основниот кривичен суд Скопје ја закажа за 19 ноември 2025 година во судницата на Казнено-поправната установа „Идризово“.
Обвинителниот акт опфаќа 35 физички лица и три правни субјекти, меѓу кои поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и одговорни лица во фирмите поврзани со ноќниот клуб.
Би сакале да потенцираме дека недовербата што ја изразуваат родителите и јавноста е гласна и оправдана реакција која впрочем се базира на одамна изгубената сигурност во институциите. Од тие причини државата треба конечно да покаже дека правдата не е апстрактен поим, туку процес што може да се види, почувствува и доживее како вистинска правда.
Затоа ја повикуваме судската власт да обезбеди јавна, правична и непристрасна постапка, целосна еднаквост на оружјата и фер третман за сите учесници во постапката, целосна одговорност за сите кои со своите постапки или пропусти придонеле за трагедијата и заштита на достоинството на жртвите и нивните семејства во текот на процесот.
Блупринт групата за реформи во правосудството потсетува дека долготрајноста на постапките за кривични дела со тешки последици претставува повреда на правото на ефикасно судење, а секое одолговлекување ја продлабочува болката на семејствата и ја нарушува довербата на граѓаните во институциите.
Апелираме и до медиумите да продолжат внимателно и одговорно да ја следат постапката, со почитување на достоинството на жртвите и нивните семејства.
Правдата за Кочани е правда за сите нас.
Блупринт групата за реформи во правосудството:
- Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
- Хелсиншки комитет за човекови права (ХКЧП)
- Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
- Институт за човекови права (ИЧП)
- Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)
- Институт за европска политика (ЕПИ)
