Важноста на родовата еднаквост за спречувањето на насилството врз жените
ноември 29, 2024
Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство денеска (29 ноември) организираше панел-дискусија на тема: Важноста од родовата еднаквост за спречувањето на насилството врз жени и девојчиња. Преку различните излагања на панелистките беа опфатени неколку аспекти на родовата еднаквост, кои се основни предуслови за намалувањето на насилството врз жените.
Ана Бојчевска Митревска од Реактор зборуваше за родовиот јаз во платите и пензиите. Потоа, Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права се осврна на работничките права на жените. Неда Чаловска Димовска говореше за пристапот до права и услуги на жените земјоделки, за фактичката состојба со заштита и поддршка на жените жртви зборуваше Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени. Климентина Илиевска од „Паблик“, ја објасни праксата на социјалното менторство и економското јакнење на жените.
На панел дискусијата беа соопштени поразителни факти за состојбата со родовата еднаквост и нејзината директна поврзаност со насилството врз жените. Се зголемува јазот во платите меѓу мажите и жените, разликата во просечната заработувачка меѓу мажите и жените разоткрива специфичности кои укажуваат на дискриминација на жените на пазарот на трудот.
Постоењето на еднаквост меѓу мажите и жените во РС. Македонија е само флоскула, таа се’ уште не постои, затоа што жените и мажите немаат еднакви можностите, беше кажано на дискусијата.
Една од најзагрозените категории жени се земјоделките кои тешко остваруваат право на породилно отсуство, работат во неформалната економија и се грижат за децата и токму економскиот аспект ги ограничува да го пријават насилството, кое во руралните средини се’ уште се смета за приватна работа.
Центрите за социјална работа и полицијата кои се првите на кои треба да им се обратат жртвите на родово базираното насилство немаат доволно ресурси за да постапуваат со должно внимание, сигурните куќи нудат само привремено засолнување на жртвите на насилство, државата нема механизми за економско зајакнување и жените жртви често се враќаат кај насилникот затоа што немаат друг избор. Како позитивен пример беше издвоен проектот со социјалното менторство кое им овозможува на жените да најдат работа, да се осамостојат и да го пресечат кругот на насилството.