Мониторинг на спроведување на стратегијата за развој на пробациска служба во Република Северна Македонија (2021-2025), период на следење 2023
јули 1, 2024
Пробациската служба е посебна организациска единица формирана во рамките на Управата за извршување на санкции при Министерството за правда. Службата спроведува надзор над извршувањето на казните без лишување од слобода, поточно над алтернативните мерки: условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор, како и над извршувањето на условниот отпуст, изречени со одлука на судовите. Пробациската служба врши надзор на осудените лица и им нуди поддршка, а целта е да се одржи безбедноста во заедницата со подобрување на ресоцијализацијата и реинтеграцијата на лицата над кои се извршуваат пробациски работи, како и да се намали затворската популација. Исто така, пробациската служба е надлежна за изработка на извештаи за извршена проценка на ризик на обвинети лица во тек на судска постапка со предлог за видот на кривичната санкција за обвинетиот.
Пробациската служба претставува суштински дел од системот на современата кривична правда и има за цел да придонесеза намалување на пренатрупноста во затворскиот систем, истовремено давајќи соодветни казни за прекршителите, предизвикувајќи ги да го променат својот начин на живот. Во 2021 година беше изработена Стратегијата за развој на пробациска служба во РСМ 2021 – 2025 (во натамошниот текст: Стратегијата), која предвидува широк спектар на резултати што треба да се постигнат од страна на повеќе надлежни институции. Стратегијата претставува еден сеопфатен стратешки документ, кој дава патоказ за реформите што треба да се направат во наредниот период. Целта на оваа анализа е да се испита подетално спроведувањето на Стратегијата и да се воспостави и спроведе независен систем на мониторинг.
Самата пробација, всушност, значи воспоставување ефикасен систем на санкции и заштитни механизми што придонесуваат за намалување на криминалитетот, зголемување на заштитата на општеството и на јавната безбедност, како и за ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица. Во периодот/текот на 2023 година спроведувањето на Стратегијата предвидуваше изготвување и донесување прописи (закони, законски измени и други акти), спроведување на конкретни активности (на пример, зголемување на човечките и техничките капацитети на пробациската служба и сл.), како и меѓуинституционална соработка во полето на пробација (одржување тркалезни маси со релевантни институции, квартални средби итн.). 6 Со Акцискиот план на Стратегијата за развој на пробациската служба во Република Северна Македонија се утврдени активностите во рамките на секоја цел и резултат утврдени со Стратегијата, а дополнително се утврдени и временска рамка и индикатори за нивно исполнување. Во таа насока, целта на оваа анализа е да процени дали, во колкава мера и на кој начин се одвива примената на Стратегијата за периодот за кој е предвидена.
Дополнително, анализата ќе оцени дали резултатите и активностите се имплементираат навремено, во согласност со временската рамка, какви се нивниот квалитет и динамиката и меѓуинституционалната соработка во полето на пробацијата. Од друга страна, ќе се анализира и влијанието на реформите врз почитување на човековите права, па во согласност со добиените резултати од мониторингот на Стратегијата, анализата ќе понуди и заклучоци и препораки за натамошен развој на пробациската служба. Набљудувањето, како независен систем за мониторинг, ќе придонесе за поголема отчетност на надлежните институции, кои се одговорни за спроведување на конкретните активности утврдени во Стратегијата