Извештај на Стејт департмент за Северна Македонија: Нема напредок во заштитата на човековите права

април 26, 2024

Годишниот извештај на американскиот Стејт департмент за состојбата со човековите права во Република Северна Македонија за 2023 година, нотира дека нема значителни промени во оваа област.  Владата презела само ограничени чекори за да ги идентификува и казни службениците кои можеби извршиле кршење на човековите права, пишува во извештајот.

Се нотира дека изминатата година имало сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите и случаи на насилство и закани за насилство насочени кон новинарите и кон ЛГБТИ заедницата. И натаму има извештаи за нечовечко и понижувачко постапување и пренатрупаност во одредени затвори, сериозна владина корупција, недостаток на одговорност за родовото и семејно насилство. Повторно се потенцира серизона владина корупција.

„Имаше бројни извештаи за владина корупција. Во септември, властите усвоија измени на Кривичниот законик, значително намалувајќи ги обвиненијата и казните за кривични дела поврзани со корупција“.

Невладините организации тврдеа дека како најголем работодавач во земјата, доминантната улога на владата во економијата, создава широки можности за корупција“.

Извештајот на Стејт департментот ги елаборира наодите на Хелсиншкиот комитет за човекови права,  кои ги објавил самостојно или како член на мрежите на граѓански организации, во неколку области: лошата состојба во затворите, условите за живот и работа во психијатриските болници Бардовци и Демир Хисар, особено недостатокот на доволен и обучен кадар, насилството меѓу пациентите и несоодветен медицински третман.

Американскиот Стејт департмент го зема предвид и извештајот на Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување, каде се истакнува лошото управување со затворските институции, корупција меѓу затворскиот персонал, насилство меѓу затворениците, несоодветна здравствена заштита и лоши услови за живот, особено во Идризово. Извештајот зборува и за лоши, нехигиенски услови. Властите ги држат  затворениците во нивните ќелии повеќе од 23 часа дневно.

Како што се наведува во Извештајот, наодите на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Македонското здружение на млади правници за состојбата во Идризово се слични со оние на Народниот правобранител и на Европскиот комитет. Во Извештајот се потенцирани наводите на организациите дека осудените лица кои се наоѓаат во одделението со висок безбедносен ризик чуваат ножеви во своите соби, наводно поради отсуство на трпезарија што претставува безбедносен ризик за другите затвореници и за чуварите.

Во поглавјето за тортура, нехуман и понижувачки третман,  Извештајот на Стејт департментот нотира дека Хелсиншкиот комитет поднел повеќе претставки до властите во врска со пристапот до здравствена заштита, прекумерната употреба на сила врз затворениците и неможноста на затворениците да ги остварат своите права.

Во делот за независно мониторирање се посочува дека Владата на Хелсиншкиот комитет за човекови права и МЗМП им дала неограничен пристап до казнено поправните установи  и осудените лица

За дискриминацијата во општеството се нотира дека Хелсиншкиот комитет за човекови права (како член на Платформата за родова еднаквост) побарал одговорност за полицајците бидејќи не успеале да заштитат две жени кои поднеле повеќе пријави за насилство против нивните интимни партнери. Двете жени, како и мајката на една од жртвите, беа убиени од истите интимни партнери, во одвоени инциденти на 25 септември во Кочани и на 25 август во Куманово.

Во делот „Дела на насилство, криминал и други злоупотреби врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет или изразување или полови карактеристики“, во Извештајот се наведува дека граѓанските организации пријавиле зголемување на трансфобичниот и хомофобниот говор. ЛГБТКИ+ лицата беа маргинализирани, а активистите кои ги поддржуваа правата на ЛГБТКИ+ лицата пријавија бројни инциденти што произлегуваат од предрасуди во општеството.

Во Извештајот се вели дека Хелсиншкиот комитет извести за пораст на погрден и насилен говор против ЛГБТКИ+ лицата во социјалните и традиционалните медиуми пред и по Парадата на гордоста во Скопје.

Се наведува и дека Хелсиншкиот комитет  поднесе две кривични пријави за говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, од кои едната беше отфрлена.

За разлика од минатата година, во годинешниот извештај се вели дека проблем е и општествената стигма и дискриминацијата на лицата со ХИВ и СИДА. „Владата направи дополнителни буџетски кратења на превентивните програми за ХИВ. Земјата немаше национална стратегија за ХИВ“. Граѓанските организации пријавиле четири случаи на дискриминација на лица по основ на пристап до здравствени услуги за ХИВ.

 

 

 

2