Без да се искорени расизмот со кој секојдневно се соочуваат Ромите – нема напредок во нивна целосна интеграција во општеството
април 8, 2024
Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април, е ден кога во светот се одбележува и празнува ромската култура и историја. Иако во годината што изминува, има извесен напредок во однос на интеграцијата на Ромите во општеството, резултатите се сепак скромни и нашето општество треба реално да се соочи со фактите и да ги преиспита практиките на социјална интеграција, кои често не го даваат очекуваниот резултат во унапредувањето на правата на ромската заедница. Сè уште постојат многу структурни недостатоци кои влијаат на општествениот живот на ромската заедница.
Дискриминацијата која се врши кон ромската популација води кон маргинализација и дехуманизација иако Уставот на Република Северна Македонија го издигнува начелото на еднаквост на сите граѓани на највисоко ниво.
Расизамот е во сржта на повеќекратната дискриминација со која Ромите секојдневно се соочуваат и тоа најмногу се гледа во односот на институциите кон нив, но и во третманот кој го добиваат од страна на општеството во целина. Ромите остануваат најзагрозена и економски најранлива заедница во земјата. И годинава, како и претходните години, на тоа потсетуваат меѓународните организации меѓу кои и Европската комисија.
Во нашето општество Ромите многу често се жртви на дискриминаторски третман особено во ситуации каде им се ограничува правото на еднаквост во користењето на добра и услуги. Тој третман предизвикува случаи на полициска бруталност и уште повеќе го засилува маргинализираниот статус на ромската заедница.
Во изминатата година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила дискриминација во 21 случај и тоа, во сферата на услуги на приватни угостителски објекти, потоа во образованието, наука и спорт, сегрегација во образованието, домувањето и пристапот до услуги, здравственото осигурување и здравствена заштита, услуги од јавниот транспорт, работните односи и јавно информирање и медиуми.
Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осуди случајот со пишување навредливи графити со кукасти крстови и натписи „Ѓупци“, испишани врз куќи на ромско население во Битола. Стануваше збор за уште еден случај на злостортво од омраза, со порака која упатува на повик за насилство кон ромската етничка заедница.
Расното профилирање на Ромите и понатаму останува клучниот фактор кој го спречува еднаквиот пристап до добра и услуги и го засилува нивниот маргинализиран статус во општеството. Токму поради сето ова, Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека реални подобрувања се можни само преку значителна промена на односот на државните органи кон оваа заедница.
И во препораките на Советот на Европа се сугерира да се зголемат напорите за спречување на кршењето на човековите права врз Ромите, да се подобри пристапот на децата од ромската заедница до квалитетно образование. Властите треба решително да се осврнат на сегрегираното образование. Ромите мора да имаат пристап до законски гарантираните бесплатни здравствени услуги. Особено кога се работи за пристап до услуги за репродуктивното здравје на жените Ромки.