Форум за граѓанските организации и изборите

март 26, 2024

Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) денеска (26 март), организираше форум насловен „Граѓанските организации и изборите“ на кој учествуваа претставници на граѓански организации и релевантни национални институции. Форумот се одржа за да се поттикне граѓанскиот сектор да игра поактивна улога на изборите, да се унапреди  соработката помеѓу различните учесници во изборниот процес, како и со цел за застапување за поголема инклузивност на изборите.

Во своите воведни обраќања д-р Сузан Пенкса, заменичка на шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џевахире Прути Зајази од Швајцарската амбасада во Скопје и Иоана Козма, директорка на ИФЕС во Скопје ја истакнаа клучната улога на граѓанските организации во предизборието, за време на изборите и по нив во градењето и развивањето на демократски изборен процес. „За жал, на последните локални избори, во 2021 година, ОБСЕ нотира намалување на бројот на гласачи, односно на излезноста (61%) и тоа е загрижувачки тренд“, беше кажано на форумот.

Според Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија, оваа институција, колку што е во можност, дава поддршка на граѓанските организации чии активности се поврзани со одредени целни групи.

Во првиот панел на тема „Предизвици и и можности за учество на граѓанските организации во изборниот процес“ се поставија прашањата за  причините за намалениот интерес на граѓанските организации за активно ангажирање во изборниот процес, за предизвиците и можностите за учество на граѓанските организации во едукацијата и  подигањето на свеста  на гласачите, за набљудувањето на изборите и учеството во изборната реформа, како и унапредувањето на законската рамка и институционалните пракси.

Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права истакна дека предизвиците на учеството на граѓанските организации во изборниот процес се последица на генералната нивна позиција во општеството. „Имаме сосема различен пејсаж отколку пред 10 години кога  на терен имаше голема разноликост и енормна раздвиженост што на граѓаните им овозможи да се запознаат со своите права за време на изборниот процес, но и да бидат охрабрени да излезат на гласање знаејќи дека има непристрасен чинител кој што ќе биде на избирачките места и ќе следи што се случува. Во тој период граѓанските организации беа повеќе поддржувани и тоа целосно а не само од финансиски аспект. Тие беа перцепирани како двигател на промените што во тоа време беа неопходни затоа што се соочувавме со масовни повреди на човековите права“, рече таа.

Апатијата постои и заради начинот на кој се прецепирани граѓанските организации во последно време, бидејќи за да можат да ја имаат довербата на граѓаните треба да има и власт што сооодветно ќе ги перцепира и имплементира нивните препораки. За жал, препораките се имплементираат површно, а не суштински. Последните неколку години граѓанскиот сектор е повторно маргинализиран, тој не е комунициран за најкруциалните промени кои се прават во државата.

„Она што го сведочиме во врска со граѓанските организации во предизборието и во изборните процеси е симптом на една состојба со која генерално се соочува граѓанскиот сектор. Во услови кога државата не ги поддржува граѓанските организаци и не вложува во нив и кога не постои култура на поддршка на граѓанскиот сектор од страна на приватниот сектор, остануваат само странските донатори чии што правила стануваат  построги“, рече Пировска.

Препораките се дека треба да развива овозможувачка средина за граѓанскиот сектор и тоа не само како финансиска поддршка, туку треба да се работи на постоење систем што ќе ги заштити од напади граѓанските активисти, а тоа се’ повеќе ќе се случува и во предизборието.

На форумот се одржаа и панелите посветени на пречките и решенијата за зголемено учество на недоволно застапените групи во изборниот процес, за предизвиците и можностите за соработка меѓу граѓанските организации кои застапуваат различни целни групи, како и меѓу граѓанските организации и релевантните институции вклучени во изборниот процес.