Правда за Леонид: Државата итно да му овозможи средства за лекување во странство

февруари 26, 2024

Откако младиот Леонид Индов со специјален хеликоптер беше пренесен во Виена на лекување, Фондот за здравство го одбил неговото барање за лекување во странство.

Првостепената комисија на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОРСМ) го одбила барањето за лекување на Леонид Индов во болница во Австрија затоа што според Правилникот на ФЗОРСМ за начинот на користење здравствени услуги на осигурените лица во странство „медицинска рехабилитација“ не е на товар на Фондот.

Сепак, во конкретниот случај од увидот во медицинската документација не станува збор само за рехабилитација бидејќи со конзилијарно мислење, дадено од тројца лекари – специјалисти, било утврдено дека нашите установи немаат соодветни услови за грижа за пациентот. Која е логиката на постоењето на комисијата, која треба да ја утврди состојбата за секој поединечин случај, ако Фондот одлучува спротивно од мислењето на специјалистите?

Секој предмет е посебен со оглед на медицинската состојба за којашто станува збор и оттука и не може сите случаи да се подведуваат под исти правила. Ако кај некого е рехабилитација во еден случај, во друг истото може да значи лекување, особено ако се има предвид дека Леонид има поддршка при дишење, има декубитна рана и интрахоспитална инфекција што треба да се третираат. Оттука произлегува неговата потреба за лекување со современи терапии и методи, а не само рехабилитација.

Од нашата пракса со работењето на случаите поврзани со Фондот се покажало дека не секогаш  се постапува навремено и соодветно, иако се работи за сериозна здравствена состојба, или се носи одлука спротивна на конзилијарното мислење што може да има трагични последици.

Од друга страна, иако правото има строги правила, сепак правото треба да и’ служи на правдата, а во овој случај правото не и’ служи на правдата и не можат да важат правилниците на кои се повикуваат од Фондот, особено затоа што треба да се земе предвид стручното мислење од болницата во Виена и конзилијарното мислење на лекарите од тука. А треба да се забележи и дека лекарите од првостепената комисија на Фондот не се специјалисти за конкретната медицинска област.

Еден од случаите  што јавноста се’ уште го памети е случајот на малата Тамара Димовска што заврши фатално поради несоодветното постапување на Фондот.

Нашата рекција во јавноста за случајот на Леонид е апел до институциите одговорно и сериозно да се однесуваат  кога станува збор за човечкиот живот, особено животот на едно дете.

 

Фото: Телма