Политичарите да ги остават новинарите професионално да работат во интерес на граѓаните

февруари 21, 2024

Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува загриженост и го осудува начинот на комуницирање со новинарите на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој ги обвини дека „дека самите се продале и уште сега се продаваат“ и се ставаат во функција на една политичка партија.

Вакви изјави можат да се толкуваат како влијание и политички притисок врз независноста на медиумите, особено во предизборен период.

Политичарите треба да бидат свесни за одговорноста што ја имаат и наместо да се служат со непримерени квалификации на новинарите треба суштински да ги почитуваат  новинарската професија  и медиумите, кои се еден од клучните столбови на демократијата во секое општество.

Етикетирање на медиуми, особено во чувствителни периоди како предизборните, негативно се одразува врз слободата на изразување и го нарушува достоинството на медиумските работници.

Сметаме дека медиумите треба да се остават непречено и без влијанија од страна на политичарите и партиите професионално и објективно да работат во интерес на граѓаните.

Ковачевски се извини за својата изјава, но Хелсиншкот комитет за човекови права во периодот што следи, особено внимание ќе посвети на начинот на комуницирање на политичарите во јавната сфера, кој често содржи навреди, омаловажување или говор на омраза.