Студио 1: Колку невладините се коректив на политиките на Заев

јуни 7, 2019

Тема во отвореното Студио 1 се невладините организации и колку се тие коректив на Владата. На оваа тема разговараат Фани Каранфилова Пановска, извршен директор на Фондацијата отворено општество СОРОС и Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншки комитет.

-Овие две години граѓанските организации поминаа низ транзиција од нешто што претходно беше нивна доминантна активност, да се застапуваат со сопствените вредности и политиките во коишто веруваат на улица, затоа што институциите беа затворени и немавме никаков пристап, особено во последните 5-6 години од владеењето на претходната влада. Со отворањето на реформските процеси и на институциите за реален придонес од страна на граѓанското општество се отвори можност сѐ за што сме се залагале во минатото, да седнеме на маса заедно со претставниците на институциите и тие наши барања да ги претопиме во тоа што е сега, во најголем дел, донесени реформски закони, политики и стратегии, вели Каранфилова Пановска.

Според неа, од перспектива од 24 месеци, од предлозите на граѓанските организации во реформските политики се вклучени над 70%.

-Многу потежок ќе биде процесот кога ќе дојдеме до имплементацијата. Крупните реформски закони се ставија на хартија. Донесени се закони за кои со години се боревме да бидат донесени во времето на режимот, како Законот за спречување и заштита од дискриминација. Но со Македонија отсекогаш бил проблемот во имплементацијата. Реформата јас лично не ја гледам само како нешто што треба да биде добро срочено и ставено на хартија. Јас повеќе очекувам реформата да се случи во рамките на целата државна администрација и на сите оние кои одлучуваат за правата на граѓаните, реформа на умот и културата на државната администрација, рече Пировска.

Целиот разговор можете да го погледнете во видеото.