Омаловажувањето и омразата не се патриотски вредности

ноември 17, 2023

Изложеноста на неточни содржини и говор на омраза, коишто се почесто се пласираат и преку поткасти, има сериозни последици по здравјето и добросостојбата на младите.

Во изминатиот период следиме сѐ поголема појава на содржини на социјалните мрежи од т.н. инфлуенсери кои стануваат идоли и лидери меѓу младите иако промовираат омраза кон жените, хомофобија, трансфобија и оправдувања за сексуалното вознемирување, силувањето и други форми на родово засновано насилство. Обраќајќи им се на младите како целна група, тие ги
мобилизираат околу женомразачки и насилнички идеи и шират екстремистички идеи за надмоќ на една група наспроти другите. Во отсуство на соодветен институционален одговор на овие појави, Платформата за родова еднаквост апелира до родителите да преземат превентивни и едукативни активности за да се спречи радикализација кај младите.

За жал, по емисијата на Стефан Лазаров, се појави уште еден поткаст наречен „Патриотски муабети“ (емитуван на 12.11.2023 година на социјалната видеоплатформа Јутјуб) во кој повторно се злоупотребува слободата на говор за да се поддржи насилното однесување и да се омаловажуваат жените, вклучително и во сексуалните односи. Во поткастот се пласираат исклучително загрижувачки ставови за важноста на физичкиот изглед, самопочитта и согласноста, што во отсуство на сексуално образование и медиумска писменост во училиштата, има потенцијал да направи голема штета кај младите. Во поткастот се користи исклучително вулгарен јазик и се промовира користење на психо-активни супстанци и насилство. Од друга страна, се пласираат
екстремистичките идеи како шовинизам, родово засновано насилство, национализам, етничка нетрпеливост, хомофобија и трансфобија, коишто несомнено може да придонесат кон радикализирање на младите и нивно активно вклучување – и онлјан и офлајн – во насилен криминал кон различни групи на граѓани.

Преку вакви содржини се охрабрува меѓуврсничкото насилство и истовремено се оддалечуваат младите кои се жртви од системите за заштита и превенција. Така, во општество во кое мизогинијата, национализмот и хомо/трансфобијата се доминатни вредности, девојките и младите ЛГБТИ луѓе, поради срам и себеобвинување, нема да се осудат да го пријават насилството, а кај момчињата се стимулира агресивно однесување што ги прави ранливи на физичко насилство и го зголемува ризикот од извршување кривични дела и злоупотреба на психоактивни супстанци.

Лонгитудиналната студија „Однесувања поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст“ укажува дека клучните фактори за алармантните податоци за менталното здравје на младите се токму патријархалните вредности, па момчињата и девојчињата се вреднуваат според различни критериуми додека „сиромаштијата и традиционалната култура ги држат децата на
најдолното скалило на хиерархијата на моќ и остварување на своите права“, оставајќи ги без поддршка и можност за учество.

Ваквите содржини, како гореспоменатите поткасти, се огледало на нашето општество:
оттука, сметаме дека не се случајни ниту дека одговорноста лежи кај младите! Невоведувањето на сеопфатното сексуално образование, несоодветното справување со родово заснованото насилство, вклучително и во училиштата, како и несанкционирањето на говорот на омраза и несоодветното санкционирање на родово заснованото насилство, особено на сексуалното вознемирување (како што е случајот „Јавна Соба“) се одговорност на институциите.

Доминатните наративи на овие теми во последните години ги пласира т.н. антиродово движење кое ги промовира истите вредности што ги слушаме во овие поткасти, користејќи се со говор на омраза и дезинформации. Ова движење е организирано од најголемите религиски институции и има широка поддршка и од опозицијата и од власта. Во вакви услови не можеме да очекуваме да имаме здрави, одговорни, соодветно едуцирани и критички настроени деца кои веруваат во еднаквоста, ненасилството и демократијата. Напротив, радикализацијата на младината е извесна последица доколку институциите не започнат да ги исполнуваат своите
обврски и не се одважат да застанат во одбрана на еднаквоста и ненасилството.

Конечно, институциите имаат одговорност да осигурат дека младите, наместо од екстремистички групи кои промовираат фашизам, ќе се информираат за родот и сексуалноста од проверени, современи извори и податоци, соодветни на возраста и во безбедни услови, при што ќе се овозможи простор за дискусија, одговарање на важните прашања и почитување на искуствата.

Оттука, Платформата за родова еднаквост бара:
• Јавното обвинителство да започне истрага за делото „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ за поткастот „Патриотски муабети“ и во најкус можен рок да покрене обвинителен акт;
• Засилено спроведување на превентивни активности во основните и средните училишта кои ќе ги адресираат содржините како во горенаведениот поткаст и ќе ја покренат свеста за родово заснованото насилство, со фокус на сексуалното насилство, хомофобијата и трансфобијата;
• Конечно воведување на сеопфатно сексуално образование во сите степени на формалното образование;
• Донесување на Закон за родова еднаквост во најкус можен рок, со препознавање на концептот на родовата еднаквост како инклузивен за родово небинарните и трансродовите луѓе;
• Органите за кривичен прогон да ги зајакнат сопствените капацитети за превенција и заштита од говор на омраза и од други форми на родово засновано насилство со фокус на последните измени на Кривичниот законик;
• Унапредување на законската рамка на начин што експлицитно ќе се забрани и санкционира
говорот на омраза врз сите основи во онлајн и офлајн просторот и ќе се предвидат пропорционални административни казни и кривично-правно санкции