Кукастите крстови врз куќите на Ромите е злосторство од омраза

јуни 8, 2023

Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува случајот со пишување навредливи графити со кукасти крстови и натписи „Ѓупци“, испишани со црн спреј врз куќи на ромско население на улица Дебарска во Битола. Се работи за уште еден случај на злостортво од омраза, со порака кој упатува на повик за насилство кон ромската етничка заедница.

Тргнувајќи од стремежот за градење соживот, толеранција и меѓусебно почитување без разлика на националната, етничката, религиозната или било која друга припадност, бараме надлежните институции, пред се’ Министерството за внатрешни работи и Обвинителството темелно да го испитаат случајот, да ги најдат сторителите, кои треба да одговараат за ова дело.

Хелсиншкиот комитет очекува МВР и ОЈО правилно да го квалификуваат ова дело како дело од омраза. Од своја страна ќе поднесеме кривична пријава и во иднина ќе ги следиме сите активности што се преземаат во врска со случајот.

Хелсиншкиот комитет во изминатите години во неколку наврати алармираше за присуство на говор на омраза кон ромската заедница во Општината Битола и потребата за преземање на конкретни чекори за зголемување на свеста кај граѓаните за меѓуетничка, меѓурелигиозна и меѓукултурна толеранција и соживот.

Соодветната реакција од институциите во вакви моменти е од исклучително значење, бидејќи пропуштањето да се даде ефикасна заштита на жртвите на говорот и делата од омраза може да резултира со обесхрабрување на жртвите да бараат заштита, а охрабрување на сторителите да го повторат делото.

Расното профилирање на Ромите и понатаму останува клучниот фактор кој го спречува еднаквиот пристап до добра и услуги и го засилува нивниот маргинализиран статус во општеството. Токму поради сето ова, Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека реални подобрувања се можни само преку значителна промена на односот на државните органи кон оваа заедница.

 

Фото: СДК.мк