Како изгледа во пракса нормализирањето на родово базираното насилство

февруари 20, 2023

Неодамна објавеното интервју од јутјуберот Стефан Лазаров каде неговиот гостин Латас споделува дека тој и неколку другари на 15 годишна возраст злоставувале и силувале девојка е колективен, општествен пораз и реален приказ за тоа како ги третираме жените жртви на насилство. Во видеото, кое веќе има над 50 илјади прегледи, за двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно. Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса излгеда нормализирање на културата на насилство и до каде може може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците.
Таа култура, им дава ветер во грб на насилниците, кои не само што продолжуваат да живеат нормално, туку и да бидат славени како „вистински мажи” и победници. Истата таа култура ги осудува жртвите, праќајќи им јасна порака дека системите на поддршка се речиси непостоечки. На оваа култура мора да и се стави крај, јасно и гласно, ако јавната осуда е единствено оружје кое го имаме на располагање, соочени со систем кој очигледно не знае и не сака да се справи со родово базираното насилство.