Повик за ангажирање на набљудувачи на судски постапки во Скопје, Куманово, Штип, Тетово, Битола, Охрид

јануари 24, 2023

Хелсиншкиот комитет за човекови права за потребите на проектот „Унапредување на заштитните механизми за бесплатна правна помош и говор на омраза во Република Северна Македонија“, поддржан од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија, објавува оглас за ангажирање на набљудувачи на судски постапки во шест градови, и тоа: Скопје, Куманово, Штип, Битола, Тетово и Охрид.

Теми кои ќе бидат опфатени со мониторингот согласно работата на Хелсиншкиот комитет за човекови права: работни односи, семејно и родово базирано насилство, семејни односи, социјална заштита, дискриминација, кривични дела против животот и телото, говор и дела од омраза;

Кандидат(к)ите за оваа позиција треба да ги исполнуваат следните услови:

Завршено високо образование – Дипломиран/а правник/чка со завршено четиригодишно високо образование на правни студии (т.н „стара програма”) или дипломиран правник со стекнати 180 кредити согласно ЕКТС,

  • Познавање и работење во Microsoft Word и Microsoft Excel,
  • Познавање на следните закони и конвенции:
  • Законот за кривичната постапка;
  • Законот за парнична постапка;
  • Кривичниот законик;
  • Законот за спречување и заштита од дискриминација;
  • Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство;
  • Законот за работните односи и
  • Европската конвенција за човекови права;

За предност ќе се смета завршени последипломски студии по казнено/граѓанско право или претходно искуство во мониторирање судски рочишта.

Од избраните кандидати/ки се очекува:

Да се придржуваат до принципите на објективност, непристрасност и доверливост во следењето на судските рочишта,

Да присуствуваат на предвидените обуки за набљудувачи за мониторинг на судски постапки кои ќе организира Хелсиншкиот комитет за човекови права,

По секое судско рочиште да пополнат извештај за текот на главната расправа (на претходно доставен образец).

Времетраење на ангажманот: Кандидатите се избираат за ангажман во времетраење од 16 месеци. Ангажманот ќе започне во текот на февруари 2023 година.

Потребни документи за аплицирање и начин на доставување: Заинтересираните кандидати треба да испратат професионална биографија (CV) не подолга од 2 страници во pdf формат на македонски јазик со прилог скенирано уверение/диплома за завршениот степен на образование на следната е-маил адреса: helkom@mhc.org.mk и до ena.bendevska@mhc.org.mk со назнака „Апликација за набљудувач на судски постапки“. Доколку кандидати/ките имаат претходно искуство во следење на судски рочишта, треба да наведат и претходна референца за потврда.

Рок за пријавување: Заинтересираните лица треба да аплицираат најдоцна до 10 февруари 2023 година. По првичната проверка на пристигнатите пријави ќе се изврши селекција на кандидати кои ќе бидат повикани на интервју (преку Зум платформата). Сите кандидати ќе бидат известени за исходот од процесот на селекција.

Постапка за избор на кандидат/ка:

Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе формира Комисијата за селекција и избор по примените апликации. Ненавремените и нецелосни апликации нема да бидат земени предвид. Комисијата ќе врши избор во зависност од степенот на исполнување на квалификациите опишани во овој оглас по што ќе донесе одлука за избор.

Надомест и динамика:

Динамиката на следење на судењата ќе се утврди со секој/а кандидат/ка поединечно, во зависност од потребите на Хелсиншкиот комитет за човекови права и можностите на кандидатот/ката. Оваа активност предвидува паричен надомест од 50 евра во денарска противвредност за реализирани 8 часа мониторинг на судските рочишта.