БЕЗБЕДНОСТ ЗА СИТЕ – Родово несензитивните мерки на институциите имаат директно влијание на нашите животи

ноември 25, 2022

16 дена активизам против родово базирано насилство е годишна меѓународна кампања што започнува на 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените и трае до 10 декември, Денот на човековите права. Кампањата се користи како стратегија за организирање на поединци и организации ширум светот, кои се активни на полето на спречување и елиминирање на насилството врз жените и девојчињата.

Здравствената криза предизвикана од пандемијата на вирусот Ковид-19 успеа да ги изнесе на површина постоечките нееднаквости во општеството, кои беа дополнително продлабочени поради родово несензитивните политики и мерки кои се носеа од страна на Владата, со цел да се надминат негативните последици по здравјето. И покрај постојаните укажувања, пред сè од страна на граѓанските организации, за негативното влијание на некои од мерките врз најранливите групи во општеството, меѓу кои и жените, сепак родовата перспектива воопшто не беше земена предвид во процесот на донесување на одлуки.

Денес, во услови на сериозна енергетска и економска криза, гледаме дека лекцијата сè уште не е научена, односно дека мерките и политиките на Владата повторно ги занемаруваат потребите на најранливите во општеството и придонесуваат за зголемување на нивната ранливост. Па така, дел од мерките на штедење кои ги имплементира Владата беа донесени без соодветна анализа за нивните импликации врз животот на граѓанките. Мерките за штедење кои ги спроведуваат општините вклучуваат и штедење на струјата наменета за уличното осветлување, па така голем дел од улиците и парковите се целосно темни веќе по 16 часот, што директно влијае на безбедноста и чувството на безбедност на жените и девојчињата. Според анонимната анкета која ја спроведе феминистичката платформа Медуза, 95% од испитаничките сметаат дека градското осветлување влијае на нивното чувство на безбедност, а дури 42% изјавиле дека оваа сезона во нивната општина нема градско осветлување. Доколку земеме предвид дека граѓанките на Скопје ги перцепираат за безбедни само одредени простори во градот, а речиси 60% се плашат да излезат сами ноќе, она што е очигледно е дека овие мерки влијаат на ограничување на движењето на жените и избегнување на одредени јавни простори, на чувството на безбедност, но и на самата безбедност на жените.

Јавните простори треба да бидат безбедни за сите!