ДИТ санкционираше работодавач поради низа прекршувања на работничките права

март 28, 2022

Постапувајќи по претставка поднесена во име на работничка од Скопје, која се обрати за правна помош до Хелсиншкиот комитет, Државниот инспекторат за труд изврши вонреден инспекциски надзор кај нејзиниот работодавач. Работничката најпрво засновала работен однос на определено време, а подоцна на неопределено, но немала потпишано договори за вработување, ниту поседува примерок од договорите. За периодот додека била вработена, таа не само што не примила целосен износ на платата, туку ѝ биле исплаќани и суми од еден, два или  десет денари. На 11 февруари 2022 година ѝ бил одјавен работниот однос без да ѝ биде врачен отказот.

-Државниот инспекторат за труд му издаде прекршочни налози на правното лице и на одговорното лице во правното лице, поради тоа што не склучил договори за вработување при засновање на правниот однос.

-На работодавачот му е изречена и инспекциска мерка опомена, поради тоа што на работничката не ѝ го врачил решението за престанок на работниот однос, откако таа неоправдано изостанала од работа три последователни дена.

-Инспекциска мерка опомена во определен рок да ја отстрани утврдената неправилност е изречена во однос неисплатените плати, како и за разликата на плата до минимална плата, а работодавачот е опоменат и заради неиздавањето писмени пресметки на платата, придонесите и надоместоците на платата за платниот период.

Хелсиншкиот комитет, како и во другите случаи кога обезбедува бесплатна правна помош на работнички и работници, ќе го следи исполнувањето на мерките изречени од ДИТ. Ги охрабруваме сите кои се соочуваат со прекршување на работничките права, да се обратат до Хелсиншкиот комитет за да добијат правен совет и помош.