Очекуваме ослободителна пресуда за Пале Илоска и одговорност од полицајците кои штителе колега – насилник
февруари 14, 2022
Денеска се одржа главната расправа од судењето на Пале Иловска, која лани со нож го усмрти нејзиниот насилен партнер, полицаец од Велес. Исказите на вештаците и сведоците покажаа дека беа оправдани настојувањата на Хелсиншкиот комитет за човекови права и други граѓански организации за промена на обвинението од ,,убиство на миг’’ во дело сторено во самоодбрана.
Од она што беше презентирано во судницата, оценуваме дека огромна одговорност во овој случај сноси СВР Велес. Сведочењата потврдија дека починатиот во многу наврати бил пријавуван за насилство кон партнерката со која живеел, од страна на членови на нивните семејства и од соседите, но полицијата никогаш не дошла, ниту постапила. Инаку, на дописот на Хелсиншкиот комитет до СВР Велес, со кои беа побарани информации поврзани со случајот, беше добиен одговор дека воопшто немало пријави за насилство. Сето ова буди основан сомнеж дека полицијата се ставила во заштита на својот насилен колега и со своето непостапување против него, придонела за трагичниот тек и исход на настаните. Со оглед дека непостапувањето на надлежните органи е една од главните системски слабости во справувањето со семејното и родово базираното насилство, Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе инсистира на одговорност од инволвираните полициски службеници.
Утре во Основниот суд Велес ќе биде изречена пресуда за овој случај. Со оглед на изнесените докази на главната расправа, очекуваме судот по службена должност да го преквалификува делото во ,,нужна одбрана’’.