ОБВИНИТЕЛКА ЈА ИЗЛОЖИЛА НА ТРАУМИ ЖРТВАТА, НАПРАВИЛА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА СИЛУВАЊЕ ВО КОЛА, ВО ПРИСУСТВО НА НЕА И НАСИЛНИКОТ

февруари 1, 2022

линк до оригиналната статија

 

Обвинителка од Велес направила реконструкција на силување во кола, во присуство на силуваната и пријавениот насилник, изложувајќи ја жртвата на повторна виктимизација и психички трауми.

Случајот девојката го пријавила на 2 август 2020 година, веднаш откако се случил. Утре е точно година ипол од физичкиот напад и од силувањето, Основното јавно обвинителство Велес уште нема одлука.

Девојката чека правда, веројатно и пријавениот, нејзино поранешно момче. Кај неа се заздравени модринките од тепањето, но од таа ноќ па до денес, живее под тежок притисок и во психички трауми кои вели со секој изминат ден и изгубена надеж дека Обвинителството ќе ја заврши истрагата, стануваат сè подлабоки и подлабоки.

Обвинителката дала наредба за реконструкција на силувањето, зашто верзиите на жртвата и на пријавениот биле различни. Ова е редок случај во судската пракса да се прави реконструкција за вакво чувствително дело. Поради тоа Хелсиншкиот комитет за човекови права и слободи поднел претставка против обвинителката. Советот на јавни обвинители вели дека ја препратил до Вишото јавно обвинителство да го испита случајот и да утврди дали има евентуална одговорност.

Реконструкцијата била направена во март лани, со актерка и актер, во соработка со Драмскиот театар. Тие прават сè што кажува пријавениот за силување, значи по едната верзија првин, а потоа глумат пред обвинител, судски вештаци и адвокати по спротивната верзија, т.е. по верзијата на жртвата.

Ова е овозможено со Законот за кривична постапка, но тој забранува натамошно изложување на опасност на психичкото и физичкото здравје, во случајов на девојката која пријавила силување. Таа на реконструкцијата на настанот морала да стои до насилникот и да го гледа како ѝ се смее во лице.

Жртвата за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека тој ден кога била повикана одново и одново да раскажува за тоа што го претрпела и за кое веќе била сослушана, што исто така не е законски, испила една рака лекови за да го издржи сето тоа. Најмногу, вели, зашто ѝ било кажано дека и тој ќе биде таму, во близина од два-три метра, истовремено со неа.

Во многу лоша состојба, помодрена од гмечење и ќотек, со напукната уста и модринки на вратот од давење, во тотален шок, жртвата заедно со родителот уште истата вечер го пријавила настанот.

Па поради таа прашува: „Ако на жртвите кои не молчат, кои се охрабриле да пријават силување, им се случува ова мене што ми се случува – да ме тераат повеќепати да поминувам низ хоророт, да ме сретнуваат повторно со тој што ме тепаше и силуваше, да ме испрашуваат за едно исто исти вештаци двапати – тогаш која е пораката кон девојките и жените-жртви кои се плашат да пријават?“.

Токму затоа Хелсиншкиот комитет во претставката вели дека целосно е нејасно зошто е издадена наредба за реконструкција и таа е извршена, со оглед на битието и на природата на кривичното дело, но и на праксата во однос на тоа за кои кривични дела се спроведува реконструкција на настан.

„Реконструкцијата на настанот била извршена во присуство и на оштетената и на пријавениот во возилото на пријавениот, каде се случил настанот согласно пријавата, со што самата жртва доживеала двојна виктимизација. Самиот настан е спротивен на сите морални вредности и мерки за заштита на жртвите на ваквите кривични дела. Исто така, ваквиот настан негативно влијае на нејзиното ментално здравје, со оглед на стресот и последиците што жртвата ги има доживеано со настанот“, наведува Тона Карева, правен советник од Хелсиншкиот комитет што е напишано во претставката.

Дополнително, жртвата за истиот правен настан била испитана двапати, согласно известувањето од ОЈО- Велес, вели Карева. И претходно уште еднаш, кога пријавила, што ја прави жртва и на двојна, на тројна виктимизација.

Карева вели дека во претставката Советот на јавни обвинители е потсетен за член 234 од Законот за кривична постапка, кој е јасен: „За проверување на прибавените докази или утврдување на фактите кои се од значење за разјаснување на работите, органот што ја води постапката може да одреди реконструкција на настанот, која се врши така што ќе се повторат дејствијата или ситуациите во условите под кои според прибавените докази се одиграл настанот. Ако во исказите на одделни сведоци или осомничени, односно обвинети, дејствијата или ситуациите се различно прикажани, реконструкцијата на настанот, по правило, посебно ќе се изврши со секој од нив“. Дополнително во став 3 е наведено дека реконструкцијата не смее да се врши на начин со кој се навредува јавниот ред и морал или се доведува во опасност животот или здравјето на луѓето.

И член 54 од ЗКП, за Посебни права на ранливи категории жртви вели дека тие имаат право на посебни мерки на процесна заштита при давањето исказ и испитувањето во сите фази на постапката, ако: „Со давањето исказ или одговор на определено прашање би се изложиле себе си или блиско лице на сериозна опасност по животот, здравјето или физичкиот интегритет (загрозени жртви) и заради возраста, природата и последиците на кривичното дело, физичкиот или психичкиот инвалидитет или друга од значење здравствена состојба, општественото и културното минато, семејните околности, религиозните уверувања и етничката припадност на жртвата, однесувањето на обвинетиот, членовите на семејството или пријателите на обвинетиот кон жртвата би имало штетни последици по нивното психичко или физичко здравје или негативно ќе влијае врз квалитетот на дадениот исказ (посебно чувствителни жртви)“.

Членот 232 е уште поригорозен: „Испитување на посебно ранливи жртви и сведоци: Оштетениот или сведокот од ставот (1) на овој член не смеат да се соочуваат со обвинетиот, а со другите сведоци само по нивно барање“.

Од Обвинителството на Велес каде година ипол се води истрага, за повторното физичко соочување на жртвата и пријавениот велат дека тоа било неопходно, за да се утврди дали во неговото возило е можно да се изврши силување на начин како што го опишува оштетената.

На прашање зошто толку време нема јавнообвинителска одлука и зошто еднаш веќе испрашана на Клиниката за психијатрија, жртвата во ноември повторно е пратена таму на допрашување пред вешти лица, од Обвинителството велат дека тоа е последниот чекор.

Кога ќе стигнат резултатите од тоа вештачење, ќе следи одлука, уверуваат од ОЈО Велес. Додаваат дека се работи за многу тежок случај, каде мора да се обезбедат докази и тие убаво да се преиспитаат, со оглед на тоа дека за настанот има две дијаметрално спротивни верзии.

САКАМДАКАЖАМ.МК ден по овој разговор се јави на Клиниката, од каде што ни рекоа: „Знаеме за кој случај прашувате, извештајот само што го испративме до надлежното обвинителство“.

Ова кај жртвата предизвика надеж дека истрагата конечно ќе се заврши, дека ќе има одлука, а таа дека повторно ќе се роди и ќе почне да живее. Разочарана е што толку долго чека, вели дека еднаш била жртва на насилникот, вторпат е на системот.