Отворена канцеларија: Пријави повреда на избирачко право

октомври 15, 2021

Хелсиншкиот комитет за човекови права ги известува граѓаните дека во недела, 17 октомври 2021 година, канцеларијата на Комитетот ќе биде отворена во текот на целиот ден, со цел да им овозможи на граѓаните да пријават повреда на избирачкото право за време на локалните избори.

Комитетот ги охрабрува сите граѓани кои сметаат дека нивното избирачко право е повредено да го пријават случајот во канцеларијата на Комитетот, која се наоѓа на ул. „Наум Наумовски Борче“ бр. 83 во Скопје и преку телефонските броеви 02 3119 073 и 072 278 436. Покрај личното и телефонското пријавување, овозможена е и пријава преку е-пошта на helkom@mhc.org.mk. Пријавите преку е-пошта треба да содржат кратко образложение за настанатата повреда, локација (изборна единица и број на гласачко место) и време на настанување на повредата на избирачкото право.

Граѓаните можат да ги поднесат пријавите наведувајќи ги своите лични податоци или анонимно.

Сите пријави до Комитетот ќе бидат дополнително истражени со цел да се верификува нивната веродостојност. Тајноста и неповредливоста на личните податоци се загарантирани од страна на Хелсиншкиот комитет и тие нема да бидат објавени без претходна дозвола од страна на граѓаните што ја пријавиле повредата.