Повик за програма за истражувачки есеи

септември 7, 2021

Доколку се залагаш за родова еднаквост, имаш пасија и искуство со пишување и ти треба простор за раст и пласирање на своите идеи, ова е повикот за тебе.

Феминистичката платформа Медуза и Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје, организираат обука за авторки и нудат менторски процес за пишување и објавување на истражувачки есеи во полето на родовата еднаквост. Обуката има за цел да ги подготви учесничките за информирано, аргументирано и поткрепено истражување и пишување во дадената област и финализација на работата преку менторски процес.

Програмата е наменета за сите заинтересирани (потенцијални) авторки, а особено студентки по новинарство и/или дипломирани новинарки и останати лица, кои може но и не мора да се медиумски работници, но имаат докажан интерес за креирање на јавно мислење и активно менување на родовите наративи кои се пласираат во јавноста.

Аргументираното и критичко пишување има потенцијал да ги зајакне девојките и жените во борбата против стереотипите, да помогне да испливаат потиснати приказни на површина, да креира простор за маргинализираните, да артикулира проблеми и предлага решенија и на тој начин да поттикне општествена промена.

 

 

Програмата е составена од целодневна обука која има за цел теоретски и методолошки да ги подготви избраните авторки, како и да ги разработи нивните предлог теми. По обуката секоја авторка во договорениот рок ќе работи на финализација на својот истражувачки есеј со редовна менторска поддршка. Обуката ќе се одржи на 2 октомври, по што авторките ќе имаат 4 месеци за изработка на крајниот продукт. Секоја авторка ќе добие авторски хонорар од 200 евра, а програмата е предвидена за вкупно 6 авторки. Истражувачките есеи ќе бидат објавени на Медуза и други медиуми.

Темите кои се од интерес на програмата се од областа на родово базираното насилство, различните видови и форми на дискриминација, родовите норми, стереотипи и предрасуди, институционалното (не)постапување, интерсекционалниот феминизам, медиуите и родот, но и други теми кои се занимаваат со микро и макро аспектите на родот, со јавните, но и приватните/интимните неправди и нееднаквости кои се резултат на системската поставеност.

Рокот за пријавување трае до 20 септември 2021 година.

За да аплицирате потребно е да испратите ваша кратка биографија(CV), писмо со мотивација, предлог тема од еден параграф, како и еден пример од ваш пишан текст. Предлог темата треба да содржи работен наслов, краток вовед и централно прашање од интерес за истражувачкиот есеј.

Вашата целосна апликација испратете ја на info@meduza.mk со назнака „Апликација за програма за истражувачки есеи“. Доколку имате дополнителни прашања, слободно обратете се на истата мејл адреса.

Единствено целосните апликации кои ќе пристигнат до крајнот рок за пријави ќе бидат разгледани.