Институциите итно да им помогнат на граѓаните кои претрпеа штета од пожарите 

август 7, 2021

Веќе цела недела беснеат шумски пожари на повеќе места низ државата, а по интензитет и опасност за загрозување на населените места особено се истакнуваат шумските пожари во североисточниот регион на државата. Ограничените технички и човечки капацитети на шумските инспекции и противпожарните служби, за чие раководење и надзор одговорноста ја делат општините, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и ЈУ Национални шуми, укажува на потребата од темелна реорганизација на овие служби во наредниот период. 

Но, она што во моментов е итно и неодложно е заштитата на луѓето кои се најпогодени од огнената стихија. Од тие причини, центрите за социјална работа во областите погодени од пожарите во овие мигови не треба да чекаат барања за да постапуваат, имајќи предвид дека не сите граѓани ги знаат правата на материјален надомест во случај на катастрофи.  Министерството за труд и социјална политика, во соработка со општините, треба да им пружи неопходна финансиска и психосоцијална поддршка на најзагрозените. Државата треба да ги стави на располагање своите сместувачки капацитети, за навремено да се згрижат лицата чии живеалишта се опожарени или кои се во непосредна близина на пожарите. Исто така, исплатата на соодветен надомест за  санирање на штетите врз објектите и посевите мора да биде навремена. 

Во насока на спречување идна и поголема штета, апелираме до надлежните институции да ги засилат контролите во шумите на територијата на целата држава, а лицата, за кои ќе се докаже дека подметнале пожар, да одговараат за своите кривични делаОттука, апелираме до Основното јавно обвинителството итно и транспарентно да постапи во случаите каде што веќе има осомничени.  

Хелсиншкиот комитет за човекови права месецов ќе даде посебен приоритет на бесплатната правна помош за лицата кои на директен или индиректен начин трпат имотна и друга лична штета од пожарите. Нашите правни советници се на располагање за секој граѓанин којшто има потреба од правна помош и советување, на телефонските броеви 02 3119 073, 072 278 436, 0800 44 222 и на helkom@mhc.org.mk